Македонија
28. November 2017 - 8:57

Агенциите за обезбедување како супститут на МВР во чување на витални државни објекти

Може ли Агенции за обезбедување на имоти и лица да чуваат и обезбедуваат витални државни објекти, па и дел од државната граница, како што тоа е примерот на многу места и држави низ светот.

Во Македонија има околу 20.000 лица со лиценци за обезбедувачи, а околу 7.000 од нив имаат легитимации на некоја од агенциите за обезбедување. Ова бројка апроксимативно одговара на бројката на униформирани полицајци во МВР, кои ги имаат истите или слични задачи на обезбедување. Може ли обезбедувачите да ги заменат полицајците во чување на објектите и со тоа да ослободат огромен дел од кадарот за директно посветување на борбата против криминалот, а со самото тоа со помали средства да се добие истиот, ако не и подобар ефект.    

Експертите сметаат дека ангажирањето приватно обезбедување во делот на обезбедување на витални објекти нема да има финансиски импликации, додека од Комората за приватно обебедување велат дека ваквата замена на улогите во добар дела ќе има помали трошоци за сопствениците на чуваните витални објекти. Бидејќи, само една блиц контрола покажува дека примањата на обезбедувачите се многу помали од платите на вработените полицајци во МВР. Имено, платата на приватните обезбедувачи се движи од 12.000 до 28.000 илјади денари, додека вработените во МВР, како приправници, имаат основна плата од околу 18.000 денари.

Доцентот на Факултетот за безбедност во Скопје, Марјан Ѓуровски, смета дека во делот на своите надлежностите, МВР и униформираните полицајци трошат голем дел од свите ресурси на обезбедување објекти и средства. 

- Кога може седиштето на НАТО да го обезбедува Агенција за обезбедување зошто да не може дел од објектите на Владата на РМ, касарните на Министерството за одбрана, критичните инфрастуктурни објекти, водоснабдувањето, патиштата, да ги обезбедуваает агенции за обезбедување. На тој начин и со финансиските средства реално ќе се растовари буџетот, смета Ѓуровски.

Правејќи паралела на обуката и подготвеноста на приватното со јавното обезбедување, Ѓуроски вели дека во моментов многу покритично е образованието и обуката на припадниците на полицијата кои, како што рече, се без јасни критериуми, односно со курсеви од шест до девет месеци и вработувања на, според него, чуден начин.

мвр регрути

-Тоа не обезбедува квалитет на услугата, и извршување на задачата на припадниците кои треба да ја носат униформата во МВР. Последните три-четири курсеви во кои имаше прием на 500 до 800 луѓе во еден турнус, сериозно врши дисбаланс на внатрешната структура на секторот за човечки ресурси во МВР, потенцира Ѓуровски.

Проблемот на недоволно присуство на поголем број Агенции кон обезбедување на државни објекти, според експертите, е во законската регулатива за јавни набавки, каде што цената е единствен услов, а не луѓето, лиценците и стажот на агенциите. Во законската регулатива за јавни набавки, тие проблемот го гледаат и во делот во кој и самите агенции за приватно обезбедување кои, како што велат, преку ноќ се создаваат, ги нудат најниските цени на пазарот или користат приватни релации за на незаконски начин да дојдат до голем дел од државните институции. За обезбедување на критичната инфраструктура, пак, предлагаат сеопфатна јавна дебата, да се иницира правно регулирање на заштитата на критичната инфрастуктура со посебен Закон за заштита на критичната инфраструктура како lex specialis или надградување на постојната правна регулатива, по теркот на анализираните земји на ЕУ и земјите од опкружувањето.

На прашањето дали Агенциите за обезбедување можат да се ангажираат во обезбедување на објекти од јавен интерес, или, на пример, дали можат да обезбедуваат дел од границата, каде што беше случајот со Словенија, каде за чување на мигрантската маршрута се обезбедија претходни овластувања, од МВР одговораат дека обезбедувањето на државната граница е едно од прецизно законски регулираните надлежности на МВР.

- Согласно член 5 од Законот за гранична контрола, токму граничната контрола е во исклучива надлежност на Министерството за внатрешни работи, односно соодветните полициски служби при МВР (Оддел за гранични работи и миграции). Граничното обезбедување и граничната контрола се специфична проблематика што и законски и практично нема никаква допирна точка со приватното обезбедување, посочуваат од МВР и нагласуваат дека прашања што се од витално значење за безбедноста на државата не можат да бидат доверени на приватни агенции.

мвр 2

Во врска со делот од прашањето што се однесува на можностите од евентуално преземање на надлежностите за обезбедување на витални објекти, како што се министерства и амбасади од страна на приватни агенции за обезбедување, надлежна организациска единица на МВР  за обезбедување на витални објекти е Одделот за заштита на определени личности и објекти при Бирото за јавна безбедност, чии обврски произлегуваат согласно постоечките законски и подзаконски акти во МВР, односно Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обезбедување. Но, ние како Министерство сме отворени да разговараме на оваа тема односно околу обезбедување на одредени објекти од страна на агенциите за обезбедување. Се разбира, за тоа треба да се исполнат одредени услови.

Претседателката на Комората за приватно обезбедување Верица Милеска-Стефановска, смета дека со соодветна дообука и едукација приватното обезбедување може да превземе дел од надлежностите на МВР во делот на обезбедување на физичкото обезбедување како што се виталните објекти, меѓу кои објектите на МВР Министерсвото за одбрана, касарните...

Милеска-Стефановска информира дека во моментов МВР има издадено 148 дозволи за физичко обезбедување, а од нив само 44 работат согласно Законот за приватн обезбедување, односно ги исполнуваат критериумите на Комората на Република Македонија за приватно обезбедување.

Најчестата злоупотреба во нерегуларното работење на Агенцииите за обезбедување, според Комората за обезбедување е во непријавувањето на работниците, откако ќе ја добијат дозволата од МВР, но и во неизвадени легитимации, работа на црно, плата во плик...Решението на проблемот, Комората го гледа во МВР, кое, според Законот за приватно обезбедување, е должно, најмалку еднаш годишно да направи надзор во Агенциите за обезбедување што имаат добиено дозвола за работа.

privatno obezbeduvanje

Според податоците од Централниот регистар во Република Макеонија во Агенциите за обезбедување вработени се околу 5.500 работници, додека, пак, Комората од 1999 до минатиот месец има издадено 20.028 лиценци и 4.785 легитимации за дејност приватно обезбедување, а 1.908 за приватно обезбедување за сопствени потреби. Од донесување на првото законско решение Министерството за внатрешни работи има издадено 148 дозволи за физичко обезбедување, 60 за техничко обезбедување и 131 дозвола за физичко обезбедување за сопствени потреби.

комора

За едно лице да може да добие лиценца од Комората треба да мине обука за оспособување од 50 часа. Во комисијата за оспособување учествуааат претставници од МВР и од Комората. Има седум предмети што се утврдени со правилник од МВР. Кандидатот откако ќе ја мине обуката во рок од шест месеци треба да пријави испит. Испитот е електронски, се полагаат 70 прашања, а го организира  Комората. По теоретскиот дел кандидатот полага практичен дел што се однесува на самоодбрана и ракување со оружје. По целосно завршување на испитот кандидатот треба да донесе потврда за неосудуваност и лекарска потврда по што Комората му доделува трајна лиценца за физичко обебедување.

Детектирајќи ги проблемите во секторот приватно обезбедување претседателката на Комората изјави дека минатата година Комората изготвила и усвоила стратешки документ што се однесува на натамошни насоки и мерки за развој на приватното обезбедување во Македонија. Изготвена е Стратегија за развој на приватното обезбедување во Македонија 2016-2020 год, за што Комората спровела научно-стручно истражување и анализа на секторот.

комора

-Ги обработивме официјалните податоци од Државниот завод за статистика, Централен регистер и МВР, направивме истражување кај вршителите на дејност на ниво на работници и менаџерски кадар, организиравме работни средби со медиумите, МВР и МО, организиравме научно стручна дебата со експерти од областа и обезбедивме компаративни искуства.  Од тука, издвоивме пет стратешки цели. Прво професионализација, потоа, обезбедување квалитетна работна сила, јавно-приватно партнерство во безбедносниот сектор, заштита и обезбедување на критична инфраструктура и комуникации и градење  доверба со заедницата, појасни Милеска Стефановска.

Борис Куноски/МИА