Македонија
15. January 2021 - 13:57

АД ЕСМ: Врнежите ја отежнаа работата во рудниците во РЕК Битола, но снабдувањето со струја е стабилно

Електрани на Македонија денеска соопшти дека обилните врнежи од снег ја отежнале работата во рудниците во РЕК Битола, но оти снабдувањето со струја е стабилно.

Во соопштението од компанијата се наведува дека од утрово во прекин е работата на Блок 2, но оти електрична енергија се испорачува и граѓаните немаат причина да стравуваат за редовното снабдување со струја. Во моментот се задоволуваат потребите на електроенергетскиот систем со производство на електрична енергија од РЕК Битола, РЕК Осломеј, хидроелектраните и ветерниот парк. Набавка на електрична енергија во моментот нема и не се планира.

– Врнежите од над 100 литри на метар квадратен и надојдената вода, предизвикаа застој во подготовките за поместување на траките кои го пренесуваат јагленот од рудникот Суводол до Термоелектраната, поради што од утрото во прекин е работата на Блок 2. Производството на електрична енергија продолжува од Блок 3, и покрај сериозните предизвици со кои се соочува Комбинатот, велат од АД ЕСМ.

Како што додаваат, електроенергетскиот систем во земјава е стабилен.

–    Во услови кога Косово, делови од Србија, Романија се соочуваат со прекини во снабдувањето со електрична енергија предизвикани од временските неприлики, македонскиот електроенергетски систем е стабилен. Ги повикуваме сите чинители, а особено политичките партии во земјава, да не создаваат страв и паника меѓу граѓаните. Актуелните раководства на АД ЕСМ и на РЕК Битола секојдневно решаваат проблеми што, за жал, и ден денес имаат длабоки корени во времето кога електроенергетскиот гигант беше раководен од структури кои пристапуваа несериозно и неодговорно кон електроенергетскиот систем, се наведува во соопштението од АД ЕСМ.