Абази ќе го истражува Дрин Ахмети
Обвинителството на Абази ќе го проверува работењето на семејството на Ахмети. Ќе се проверува како внукот на лидерот на ДУИ без да вложи ниту еден денар стана сопственик на третина од трговскиот центар Соравија, потврдуваат за Сител од Обвинителството.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, по информациите кои постојано се објавуваат во медиумите, минатата недела отвори предмет по допрен глас за купопродажбата на ТЦ „Соравија“. Предметот е доделен на јавен обвинител кој ќе постапи и ќе ги достави соодветните поднесоци до институциите надлежни за истрага на финансиските текови, се наведува во одговорот на Обвинителството.
Опозицијата денеска праша каде е платен данокот за продажбата на трговскиот центар и дали Соравија ќе биде омилен простор за изнајмување со народни пари.
Во ДУИ опозицијата ја обвинуваат за лажни вести. Од партијата упатија покана до опозицискиот лидер, да дојде во Кичево и да види како работи фирмата на синот на Ахмети.
Наместо Мицкоски, фирмите на Ахмети треба да ги посети обвинтиелството, врати опозицијата.
Името на синот на Ахмети заедно со неговите двајца братучеди се поврзува и со изградба на фотоволтаична централа во Кичевско, за што барале кредит во банка иако официјално никој таму не им дозволил да инвестираат. Тоа е само дел од проблемите на ДУИ во последните месец дена откако претходно беше објавено дека внуците на Ахмети добивале концесии, пари за иновоации и места во дипломатијата.
Но, во СДСМ евентуалната вмешаност во корупција на нивниот коалиционен партнер не е тема.
За СДСМ акцијата Феникс е доказ дека ВМРО-ДПМНЕ била криминална партија.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар