230 луѓе останаа без дипломатски пасоши, меѓу нив и претседателот на ФФМ
Првиот човек на ФФМ Муамед Сејдини остана без дипломатскиот пасош. Освен Сејдини без дипломатска патна исправа останале вкупно 230 луѓе од доаѓањето на новата Влада и смената на раководството во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Меѓутоа, оттаму без детали за причината поради која Сејдини остана без дипломатски пасош. Најавуваат брифинг во следните денови кога ќе го појаснат овој потег.
-Напоменуваме дека од стапување во функција на новата влада, до денес повлечени се вкупно 230 дипломатски патни исправи. Дел од наведените патни исправи биле дадени врз основа на дискреционо право на преходниот министер, а дел се однесуваат на поранешни функционери на кои им престанал мандатот и правото за поседување дипломатска патна исправа, велат кратко од МНР.
Претседателот на Фудбалската федерација според закон нема право да добие дипломатски пасош, но Сејдини во случајов добил преку дискреционото право на поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи. Таков беше случајот кога по историската победа во 2022 на квалификациите за Светското првенство во Германија дипломатска патна исправа добија селекторот Благоја Милевски, како и репрезентативците Енис Барди и Александар Трајковски. Засега е непознато дали тројцата се меѓу 230-те чии дипломатски патни исправи се повлечени од страна на МНР.
Согласно Правилникот, носител на право на користење на дипломатски или службен пасош е носител на јавна функција, државен службеник и работник во државните органи. Носителите на дипломатски пасоши имаат целосен дипломатски имунитет во државата во која службено престојува.
Мандатот на Сејдини треба да заврши во март идната година кога треба да се одржи избор на нов претседател на ФФМ.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар