177 новозаразени од Ковид-19, односно 22,7% од направени 778 теста – 5 лица починати
Министрите на утрешната владина седница ќе одлучуваат за новите рестриктивни мерки што ги предложи Комисијата за заразни болести – задолжително носење на маска на отворено и кога човек е сам на улица, забрана за журки и забави во домовите и максимум 4 лица на гости како и забрането групирање после 22 часот. Мерката која наиде на правнички дилеми изминатите денови е како полицијата ќе казнува притоа да не постапува незаконски и почитувајќи го правото за неповредливост на домот согласно Уставот. Дали соседите ќе бидат кодоши и ќе пријавуваат и како полицајците ќе знаат колкумина ви дошле на кафе? За ова здравствените власти пред седницата, ќе бараат чаре на владината законодавно правна комисија. Не е исклучена можноста и од дополнителни рестрикции, бидејќи изутрина ќе заседава Комисијата која повторно ќе ја разгледува состојбата со ширење на вирусот во земјата. Изминатитот период се зборуваше дека може да дојде и до ограничување на работното време на угостителските објекти, како и намалување на капацитетот на патници во јавниот превоз кој според лекари и епидемиолози е висок ризик од пренесување на заразата.
Инаку и денеска алармантни 22,7 проценти од тестираните имаат Ковид 19. Од 778 тестови изминатото деноноќие, позитивни се 177 од кои повторно лидер е Скопје со 96 заразени, а високи се бројките и во градовите во источниот и западниот регион. Освен зголемениот ангажман во лабораториите, ескалира состојбата и во дел од инфективните одделенија каде бараат кревет повеќе за пациенти со корона. Во моментот дури 419 лица се на лекување поради компликации од вирусот. Најзагрижувачка е ситуацијата во струмичката болница каде веќе не само што немаат просторни капацитети туку им фали и медицински кадар.
-Немаме доволно доктори, немаме сестри кои ќе ја покриваат работата во овој оддел на инфективното одделение. Со тој персонал што го имаме сега тоа е малку неиздржливо да се постигне целата работа што е потребна, вели др. Наќе Гогов, директор на општа болница Струмица.
Од Министерството за здравство ни одговорија дека во Струмица ќе оди лекар од ТБЦ институтот, а доколку има потреба и во други болници, како испомош ќе бидат медицински лица од здравствени установи кои не се директно вклучени во третманот на ковид пациентите. Во штипската болница која е регионален центар имаат уште десет слободни места за хоспитализации, а на работ на издржливост се и останатите инфективни одделенија низ државата. Во Битола на болнички третман поради Ковид 19 се 29 лица, а меѓу заразените во во град е и двомесечно бебе.
-Во моментот имаме 29 хоспитализирани пациенти, на возраст од 26 до 80 години. Во моментов имаме се уште слободни капацитети во Инфективното одделение во Битола, изјави д-р Билјана Гагачовска, директор на Клиничка болница Битола.
Во Скопје најмногу хоспитализирани, дури 93 има на Инфективна каде капацитетите се при крај и на готовс е монтажната болница веднаш до клиниката. Кога и таму ќе бидат пополнети 40-те кревети, според информациите што ги добивме од надлежните, детската болница во Козле повторно ќе прима возрасни пациенти каде, пак и сега заразените деца престојуваат со нивните мајки кои исто така се позитивни на Ковид 19.
Бројките покажуваат дека корона бранот зема замав и само за 12 дена бројот на активни случаи е зголемен за 72 проценти. На први овој месец имало 2327 а денеска се 4015 лица.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар