Македонија
19. July 2024 - 16:39

15 часа дел од Скопје остана без струја

Повеќе од 15 часа илјадници граѓани во Аеродром и Лово Лисиче немаа струја. Екипи на Електродистрибуција и МЕПСО работеа цела ноќ за да го поправат дефектот кој настана од вчерашното невреме.

Додека екипите работеа на терен, граѓаните се соочија со низа проблеми. Не можеа да се разладат со клима уредите, ниту да ги користат лифтовите во зградите. Семафорите беа исклучени, па за да не настане хаос полицијата веднаш излезе за да го регулира сообраќајот.

Жителите синоќа не знаеле за што попрво да се грижат, за последиците од бурата или за прекинот на струја.

„Цела вечер немаше. Гаражава ми ја откри невремето, па ја покривав сега, да ја направам малку од малку. Додека немаше струја ништо, си седевме и легнавме да спиеме''

„Никако, како? Седиш, што ќе правиш. Додека се седеше надвор, надвор бевме. После внатре и тоа е“

Најтешко им е што ќе треба да фрлат многу храна од фрижидерите која е лесно расиплива.

„Фрижидер не смееш да отвориш, се што имаме ќе фрлиме, ама мрежарина имаме да платиме. Два фрижидера имам, полни ми се“ 

Лекарите апелираат на голема внимателност со храната која долго време била чувана во исклучените ладилници. Според Чокалова Дервишова најризични се млечните и месните производи.

„Да се провери да не се расипани. Да се види подуеноста на киселото млеко, јогуртот, оние капачиња коишто ги имаат, додека за месните продукти да се провери бојата на продуктот во пакувањето. Ако има промена на бојата, во тој случај, продуктите не се за користење“ – Лилија Чолакова Дервишова, матичен лекар

Лошото време и прекинот на струја имаа влијание и на бизнисите кои биле приморани да затворат порано.

„Ние тука во дуќанот. Кога снема струја не можевме да работиме. Не работат каси, не работат ваги, ништо. Затворивме порано и така. Тогаш немаше муштерии, тоа беше торнадо, не невреме“

Градоначалникот на Аеродром за Сител вели сега напојувањето со електрична енергија е нормализирано, а Кризниот штаб по невремето е во постојано заседавање. 

„До синоќа до доцна и рано изутрина бевме во постојан контакт со службите на ЕВН. Станува збор за поголем дефект на паднат далековод кој е главен за напојување на Општина Аеродром. Екипите на ЕВН најдоа привремено решение со премостување на тој далковод додека не се санира штетата која е настаната на далеководот“ – Дејан Митески, градоначалник на Општина Аеродром

Надлежните предупредуваат на внимателност поради најавите за ново невреме и во следните денови.