102 првачиња помалку во битолските основни училишта
102 првачиња помалку ќе се запишат во основните училишта во Општина Битола за учебната 2022/2023 година. Годинава во училишните клупи ќе седнат 769 првачиња, додека минатата година имаше 871 прваче. Во дел од училиштата состојбата е алармантна, особено во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ каде годинава има 53 првачиња помалку од минатата година. Сепак во неколку училишта, иако бројот е едноцифрен, има повеќе запишани првачиња од минатата година.
Неколку години наназад Советот на Општина Битола носи одлуки со кои се дава согласност за формирање паралелки со под 20 ученици и во основните и во средните училишта. Советниците велат дека донесувањето вакви одлуки е редовна пракса заради помалиот број деца.
„За жал Општина Битола се соочува со се помалку деца, тоа ни се случува и на ниво на држава, тоа е заради намалувањето на бројот на деца во основното образование, а во средното образование дополнителни причини се и бројот на освоени поени и дуалните паралелки, бидејќи знаете дека во средно училиште се запишуваат ученици коишто учеле различен втор јазик и имаме дуални паралелки и тоа е една од причините плус за намалување на бројот на деца“, рече Габриела Илиевска, претседател на Совет.
Дел од советниците гледаат и политика.
„И покрај тоа што имаме мали деца треба да се направат мали паралелки, па некаде од 10 до 12 ученици ќе дојдат во паралелка, јас мислам дека од една страна е убаво, а од друга стрна е од политички аспект поради тоа што локалната власт е приморана да си ги изврши своите задачи врз вработувањата и нормално ќе си постават свои кадри одделенски или класни раководители“, рече Горан Велевски, советник од Левица.
Во битолските средни училишта пак, во прва година треба да се запишат вкупно 1452 ученици.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
