Живот
28. August 2015 - 13:50

Зошто мажите се поретко приоѓаат на жените?

Во современо општество, додворувањето и заведувањето како повеќе да не постојат, а луѓето се однесуваат според системот јас сум центар на светот. Посилниот пол се жали дека девојките се намрштени, вообразени и исфолирани, додека тие тврдат дека праќаат сигнали во празно.

Почна уште една студена војна. Не, не се работи за актуелната политичка состојба во светот. Како и во секоја, и во оваа ривалите се одмеруваат од страна чекајќи на секој погрешен чекор на противникот. Примирјето не е на повидок. Но, не се очекува ни ескалирање на судирот. Бидејќи, непријателите во оваа војна не можат едни без други. Се работи за мажите и жените.

Се стекнува впечаток дека машко-женските односи не биле никогаш толку затегнати. Момчињата и девојките седат во кафулиња како припадници на два завоени табори. Вооружени со мобилни телефони, непријателите се одмеруваат заштитени со темни стакла на очила за сонце. А потоа одат дома и ја продолжуваат војната на интернет форумите. Мажите фрлаат обвиненија дека девојките во Србија се намрштени, ладни, вообразени, исфолирани. И дека насмевката станала луксуз.

- Нашите девојки се непристапни и многу бараат. Имаат високи критериуми и потценувачки и потсмешлив став, за разлика од девојките во Европа кои се опуштени и многу полесно може да им се пријде – се жали еден форумаш.

Со него се согласуваат и други момчиња, кои тврдат дека дури и кога ќе се осмелат да пријдат на девојкии, тие дрско го отфрлаат додворувањето. Девојките пак се жалат дека сигналите ги праќаат во празно, а дека момчињата кои им приоѓаат се премногу агресивни или неромантични. И додека топчето се сели од еден на друг терен, продолжува статус кво. Никој не крева бело знаменце.

Се поставува прашањето дали денешните генерации воопшто знаат што е флерт и заведување? Поради што речиси повеќе никој на никого не приоѓа? Во што е проблемот, го прашавме инструкторот по заведување во Србија, Петар Вагиќ.

Во патријахалните општества се очекува првиот чекор да е на мажот. Но, многу мажи имаат непријатност која ја создаваат два спротивставени стремежи. Стремеж да пријде на девојка која му се допаѓа и стремеж да се заштити себе од ризик на одбивање и создавање тензија, па мажот чувствува стрес, непријатност, анксиозност и страв – вели Петар.

Постарите генерации збунето ја гледаат денешната младина забележувајќи парадокс. Порано, наспроти помалата слобода и општествените стеги, мажите знаеја да се додворуваат, а девојките да праќаат сигнали. Дел од одговорот на прашањето зошто денес е поинаку лежи во се поизразениот индивидуализам и егоцентризам кај модерниот човек. Романтиката бара време и желба да се удоволи на другото лице и барем тоа за момент да се постави во центарот на светот. А тоа е невозможно се додека сите се однесуваме како Луј 14 и се доживуваме самите како крал и кралица, Сонце околу кое се врти целиот свет. И додека премалку даваме, премногу (нереално) очекуваме за возврат.

А дека постои потребата за романтика, говори листата на најпродавани книги на која на прво место се љубовните романи, додека пробан рецепт за успех во Холивуд, се романтичните комедии. Србинките и во 21 век паѓаат на орлите на Јадранот и останати екранизирани верзии на романите на Милица Јаковљевиќ Мирјам, која им го надоместува она што им недостасува во реалноста. И додека други голтаат приказни за времето во кое една насмевка ветувала, а погледот ја замрзнувал крвта во вените, за додворување кое трае со месеци, па и со години, во животот често се однесуваат како јунакињи на психолошки трилер. Дел од одговорот лежи во карактеристиките на современото општество, верува Вагиќ.

- Денешното општество форсира брзо темпо на живот во кој луѓето немаат време за себе, за уживање, дружење. Многумина немаат време да се посветат на своите интереси, хобија, активности кои ги исполнуваат. Недостигот на позитивна енергија ги отежнува нештата. Сепак, додека има свет и век и се додека во луѓето ќе постои желба за блискост, љубов и секс, ќе има и вештини за заведување – сигурен е нашиот соговорник.

Се помалку постои и безопасниот флерт. Тој кој Милан Кундера го опишал како ветување на сексуален однос без гаранции. А холивудската глумица Кетрин Таун предупреди дека ако не го практикувате, веројатно сте мртви од внатре.

- Флертот е дел од заводничката комуникација и подразбира искажување на љубовна или сексуална заинтересираност на индиректен, социјално прифатлив начин. Куриозитет е дека човечката раса е единствен биолошки вид кој сексуалната заинтересираност не ја искажува директно. Ние живееме во цивилизација, па животинското искажување на наклоност се смета не само за непримерно, туку и за манијакално. Флертот е примерен. Индиректно, двосмислен, преку игра, итрост, хумор – порачува Вагиќ.

Сето тоа убаво звучи, но се поставува прашањето – како? Вилијам Фокнер ги советува мажите, жените никако да не ги заведуваат со зборови. Бидејќи, жените за зборовите знаат многу повеќе од што мажите некогаш ќе дознаат. И знаат колку тие малку значат. Нашиот соговорник со тоа сепак не се согласува, истакнувајќи дека мажот и жената се запознаваат преку разговор. Жените се тука на свој терен, а мажите мора да работат на себе за да го стигнат противникот.

- Додека момчињата во детството си играат со колички и фигурички од војници, девојчињата си играат така што нивната Барбика ги поканува куклите на другите девојчиња на неделен ручек. Така девојчињата од мали нозе вежбаат разбирање во социјалните односи и ситуации. Ако мажот некогаш во својот живот не го надомести пропуштеното учејќи за комуникациите и социјалната интелигенција, разликата останува – предупредува Петар.

За мажите кои се уште не се откажале од девојките, кои не дозволуваат стравот и намрштениот поглед да ги одвратат од приоѓање, нашиот соговорник има неколку совети.

- Мажот треба во што поголема мера да биде свесен за својот идентитет. Првиот совет затоа е да се освестат за самите себе. Ако не се познаваш себеси, не можеш ни на жената да и пренесе со кого имаш работа. Вториот совет е да биде друштвен и отворен кон луѓето. Тие кои кон сите пријателски се настроени и заинтересирани за луѓето, имаат поголем успех кај жените. Совет број три е да биде чесен кон себе. Признај во што си добар и во што лош. Забележи што треба да научиш. Кога ќе сретнеш луѓе кои знаат, отвори се за учење и впивај – вели Вагиќ.

Вечерње Новости - Белград