Македонија
12. July 2019 - 16:38

Значајните археолошки откритија ја зголемија посетеноста на Стоби

На комплексот околу Храмот на Изида во Стоби е откриен дел од мозаик, фрагменти од штуко-декорација и фонтана, што зборува за раскошот на овој археолошки локалитет. По 2009 година, ова е прво откритие на мозаик во Стоби кој датира од 4 век.

Во Епископската базилика – најзначаен објект од ранохристијанскиот период во земјава и пошироко, оваа година е откриен фрескоживопис на јужниот и западниот ѕид на базиликата со вкупна должина од 13 метри и висина од 1,7 метри.

Од понеделник започнува реализација на проектот за доистражување, конзервација и реставрација на театарот во Стоби кој се одвива во континуитет од 2013 година. Со речиси двојно зголемен буџет за годинава ќе се конзервира и реставрира видливата архитектурата во долниот дел на гледалиштето и сценската зграда.

За време на денешната посета на премиерот Зоран Заев и министерот за култура Хусни Исмаили, директорот на  НУ „Стоби“ Спасе Перовски истакна дека најголем предизвик е реконструкција на мермерните седишта во амфитеатарот во неговата источна половина, а за што од Владата ги очекуваат потребните околу 1,8 милиони евра.

Со комплетирање на овој зафат ќе се отвори патот за ревитализација на објектот и културни случувања од различен карактер. Тој појасни дека во моментот во амфитеатарот во Стоби не смеат да се одржуваат настани со голем број посетители поради тоа што неговата западна половина која е оригинално сочувана, не е во идеална состојба и мора да биде заштитена.

Воедно информираше дека во рамките на Школата за археологија со 17 студенти од САД, Канада, Кина, Австралија, Кина, Шведска и Ел Салвадор која е во тек, минатата недела имаа исклучително откритие – мермерна скулптура на Дионис, богот на виното и заштитник на театарот, претставен со пантер и винова лоза која веројатно е изработена во 3 век.

Во своето обраќање премиерот Заев потенцира дека Стоби е крстосница на цивилизациите и на народите на овие простори и дека наша должност е непроценливото археолошко богатство да го откриваме, да го чуваме и достојно да го презентираме на светот. Затоа што, рече тој, Стоби и денес е жив и отворен град.

-Стоби со право го свртува вниманието на јавноста и тоа со право, бидејќи покрај 100 години археолошки истражувања, Стоби се уште не престанува да изненадува и одушевува со нови откритија. Наша должност е во иднина да обезбедиме најпознатиот археолошки локалитет во Република Северна Македонија да ја добие сета потребна поддршка во истражувањата, заштитата и промоцијата, бидејќи културното наследство е универзална вредност на целото човештво кое мора да го негуваме, зачуваме и пренесеме на идните генерации, истакна  премиерот Заев.

Министерот за култура Хусни Исмаили во своето обраќање истакна дека значајноста на Стоби се гледа што тој денес е вметнат на светските карти на археолошки наоѓалишта, а откривањето на новите артефакти придонесува лани во Стоби да има 19.000 посетители, а во оваа година само досега над 19.000 посетители. Тоа значи, рече тој, дека се очекува двојно поголема посветеност на Стоби, за што придонесува откривањето на артефактите.

-Министерството за култура и во минатото, сега и во иднина ќе продолжи да ги поддржува овие археолошки истражувања и конзерваторски и други проекти  и заедно со Владата секогаш ја даваат својата поддршка за Стоби, истакна министерот Исмаили.