Македонија
5. August 2026 - 12:17

Жителите на Тркање обвинуваат за недостаток на вода, Општина Кочани вината ја лоцира кај нив

Жителите на кочанското село Тркање веќе две недели секојдневно се соочуваат со прекини во водоснабдувањето. Велат дека без вода остануваат по еден до два часа дневно, а кога повторно ќе потече од чешмите, таа е матна и нечиста.

Поради тоа стравуваат од оштетување на апаратите во домаќинствата, но и од можни здравствени ризици. Дополнително реагираат дека и кога низ водоводната мрежа поминува само воздух, водомерите продолжуваат да регистрираат потрошувачка.

-Секој ден однемува по саат до два. Водата е многу заматена и гадна кога дојде. Па ќе се расипат и перални и болјери, веќе сите чешми се расипани, гумичките течат, а колку е чиста тоа не знаеме. Многу воздух искаруваат цевките и тоа се си врте на саато, а ние ќе плаќаме за воздух, изјави анонимен жител на с. Тркање.

Причината за честите прекини е дефект на пумпата која ја пренесува водата од фабриката за вода до резервоарот во Тркање. Тие сметаат дека единствено трајно решение е нејзина замена, бидејќи, како што велат, постојано откажува и го остава селото без вода.

-Да си санират проблемо, да си купат нова помпа, бидејќи таа е дотраена и се исклучува нон стоп и резервоарот останува празен, додаде жителот на селото.

На обвинувањата остро реагираше градоначалникот на Кочани, кој во консултации со раководството на ЈКП „Водоводод“ , проблемот го лоцираат кај самите жители, кои наместо чистат преработена вода од водоводниот систем да ја користат за пиење и лична хигиена, ја злоупотребуваат за наводнување.

-Да ја користеме за наводнување на тревници, на бавчи и градинарски култури, мислам дека е себично од нивна страна, а не е солидарно кон другите. Во системот водоводен во Кочани, постојат неколку нивоа. Имаме ниска зона, средна и висока и претпсотавувам дека во случај кога се полнат резервоарите за висока зона, можеби и дел од ниската зона да има помал притисок и да нема вода, но тоа е се со цел да сите граѓани на Општина Кочани да се опслужат со таа вода, која што им е неопходно потребна, а тревниците и градинарските култури, доколку не се во близина на техничка вода, на канал од каде би можеле да црпат, греота е пивката вода да ни оди за наводнување, изјави Влатко Грозданов, градоначалник на Кочани.

Грозданов додаде дека спротивно на тврдењата на дел од жителите, нема дефект на пумпата што го снабдува системот со вода за пиење.