Македонија
6. March 2025 - 16:36

Жители на Сингелиќ и Арачиново на протест пред ЕВН

Жители на Сингелиќ и Арачиново на протест пред Корисничко Енерго центарот на ЕВН во Бутел. Покажувајќи ги своите сметки за струја тврдат дека се ограбени од ЕВН поради високите фактури кои им стигнале во минатите месеци.

Агим Демири од Арачиново вели, нема против да се плаќаат фактурите за струја, но сметките кои му пристигнале биле енормно високи. Приложувајќи ја последната фактура и фактури од претходно, тврди дека тие неколкукратно биле повисоки.

ЕВН веќе соопшти дека добиле 15.000 претставки од граѓани за повисоки сметки. Кај 2.200 биле направени корекции на сметките, но кај другите немало основ.

Од Електродистрибуција за Сингелиќ и Арачиново велат дека се уште е многу висока стапката на кражби и диво приклучени граѓани на мрежата.

-Електродистрибуција инвестира во модернизација и унапредување на дистрибутивната мрежа, а во рамките на овие инвестиции целосно беше реконструирана мрежата и во Арачиново и Сингелиќ . И покрај инвестициите во овие региони граѓаните ја уништуваат опремата и диво се приклучуваат на мрежата што претставува кривично дело. Кражбите на електрична енергија во овие населби се над 50%. Само во последните шест месеци има над 100 записници за кражби во присуство на МВР. Кај дел од потрошувачите како резултат на овие инвестиции за прв пат се отчитува точно потрошена електрична енергија, велат од ЕВН.

Сите граѓани кои сметаат дека нивните сметки неправедно се високи, приговори можат да поднесат во ЕВН, по што компанијата треба да ги провери броилата. Доколку одговорот е негативен, тогаш како второстепена институција се јавува РКЕ каде треба да ги приложат документите од процедурата со ЕВН.