Македонија
18. September 2015 - 17:07

Жестока кавга меѓу Иванов и Заев

Во резиденцијата на претседателот секогаш нормално се преговараше кога државата ја водеа одговорни лидери, за жал опозицијата сега за лидер го има Зоран Заев. Ваков одговор понуди претседателот Иванов на обвинувањата кои кон него вчера ги адресираше лидерот на СДСМ.

Според Заев, шефот на државата е статист со скапо платен потпис за законот за специјален обвинител.

– Уште една потврда дека првиот човек во државата, претседателот на државата е само статист на македонската политичка сцена. Јас ќе ви кажам вака: бевме во Стразбур, преговаравме во кабинетот на Хан, бевме во Брисел, преговаравме во Кабинетот на Хан, бевме овде во Пржино во резиденцијата на Европската Унија и ако беше се нормално во Македонија требаше да преговараме во Резиденцијата на Претседателот на државата – рече вчера Заев.

Иванов во писмено соопштение возврати - Заев лаже и грубо ја манипулира јавноста.

Разрешницата на актуелната политичка криза започна на моја лична иницијатива.

– По подолг период без елементарен политички дијалог, на 10 мај 2015, утрото, лично му се јавив на Зоран Заев и го поканив на Советот за безбедност. Тој ја прифати поканата и учествуваше на седницата на Советот одржана во проширен состав. На самата седница, на политичките лидери им најавив дека наредните денови ќе свикам лидерска средба во мојот Кабинет за надминување на политичката криза.

– Три дена подоцна повторно му се јавив за да го поканам тој ден да учествува на лидерска средба во претседателскиот Кабинет. Зоран Заев побара да се консултира со партијата.

– Сега го повикувам Зоран Заев да покаже образ и да ѝ објасни на јавноста и на сопственото членство поради кои причини не ја прифати поканата да учествува на лидерската средба во претседателскиот кабинет. Да го потсетам, аргументот што мене ми го кажа е дека не постојат никакви гаранции дека тој нема да биде уапсен врз основа на обвиненијата кои се поведени против него, стои во реакцијата на Иванов.

Неговиот кабинет подоцна ги негираше и тврдењата на еден дневен весник според кој за потписот на Иванов на договорениот закон за специјален обвинител биле потрошени 6.000 евра. Според кабинетот на претседателот цената на летот од и кон Црна Гора каде Иванов беше во официјална посета изнесувала вкпуно 969 евра.