Македонија
15. March 2024 - 12:23

Зголемена фреквенција на патници на граничните премини „Блато“ и „Џепиште“ кај Дебар

На граничните премини „Блато“ и „Џепиште“, на македонско – албанската граница кај Дебар, во првите два месеца од годинава забележана е зголемена фреквенција на патници, споредено со истиот период минатата година.

- На ГП „Блато“ поминале вкупно 113.872 патници. Споредбено со истиот период од 2023 година кога државната граница ја поминале вкупно 98.218 патници, во 2024 година има зголемување на протек на патници за околу 16 отсто, потврдија за МИА од Министертвото за внатрешни работи.

Гледано одделно за влез на македонска територија регистрирани се 8.081, додека за излез 12.967 македонски државјани, или вкупно 21.048 патници. Кога станува збор за странски државјани, регистрирани се вкупно 92.824 патници од кои 53.920 на влез и 38.904 патници на излез.

Зголемената фереквенција се должи, меѓу другото на подобрената патна инфраструктура. Тука, посебно со пуштањето во употреба на автопатот „патот на Арбр“ (Руга е Арбрит), со кој оддалеченоста од преминот до Тирана сега изнесува 80 километри, што е намалување на оддалеченоста за стотина километри, како и реконсрукцијата на патниот правец Маврови Анови-Жировница а претходно и делницата Живорница-Дебар.

- И на вториот граничен премин Џепиште-Требиште, забележана е зголемена фреквенција за над 15 отсто. На влез регистрирани се вкупно 3.643 додека на излез 3.409 патници или вкупно 7.052 патника. Одделно на влез регистрирани се 165 а на излез 150 македонски и 3.478 странски државјани на влез, односно 3259 на излез, додаваат од МВР.

Овој премин е од локален карактер и право да го користат имаат само жителите од граничниот регион. Во летниот период, односно од први април до 31 октомври, работи од 8 до 20 часот, додека во останатиот период, односно од 1 ноември до 31 март, од 8 до 18 часот.