Македонија
27. December 2020 - 16:35

Зголемен транспортниот сообраќај на граничните премини

Сликите со колони од возила на граничниот премин Богородица, вообичаени за овој период од годината ги нема. Патничкиот сообраќај со месеци речиси и да не функционира. За разлика од тоа фрекфенцијата на товарни возила бележи зголемување за околу 40% во однос на истиот период од претходните години. Поради затворените премини од грчка страна со Албанија, како и Меџитлија и Дојран целиот товарен сообраќај е насочен на Богородица - Евзони. Но, и покрај зголемената фрекфенција македонските погранични органи велат дека сообраќајот тече непречено и без проблем.

„За разлика од минатите години во овој период сега е зголемен некаде за 20% имајќи во предвид дека грчките погранични премини што се со Албанија, но и на Меџитлија се во прекин, односно нема проток на товарен сообраќај. Од тие причини е зголемен бројот на товарни возила на граничниот премин Богородица“, вели Јасмина Аврамска - командир на ГП Богородица.

Одлуката границата да биде затворена за проток на патници грчките власти ја донесоа во март, кога беше и прогласена пандемијата со корона вирусот. И покрај некои најави дека ќе постои можност границата да се минува доколку се исполнат одредени предуслови, тоа не се случи, а рампите останаа спуштени.

Во изминатиот период се регистрирани минимален број на патници кои оствариле влез и излез на овој граничен премин, пред се поради економски причини. Но, со последната одлука на грчката влада за задолжителен ПЦР тест на сите кои влегуваат на нивна територија, вклучувајќи ги и грчките државјани движењето и на овие лица е сведено е сведено на минимум.