Македонија
22. July 2021 - 12:23

Зголемен интересот за вакцинирање во Битола

Интересот за вакцинација во Битола од почетокот е прилично голем, а голем е интересот и за теренската вакцинација, велат од вакциналниот пункт во Битола. 

-Останува еден број граѓани кои одбиваат вакцинација, со кампања и едукација се обидуваме да ги едуцираме и нив. Секое нововакцинирано лице во градот ќе биде плус, особено кога пред врата ни е делта сојот, имаме многу популација во Битола која периодот која заминува во Грција каде се зголемуваат бројките, се надевам дека нема да го дибиеме истото сценарио од ноември и јануари, вели Д-р Марија Димовска, раководител на вакциналниот пункт.

Дел од граѓаните се интересираат дали со примањето вакцина ќе бидат отпорни на делта сојот.

-Се интересираат и за разликите помеѓу вакцините, доаѓаат пациенти со одлука со која вакцина сакаат да се вакцинираат, секогаш излегуваме во пресрет. Има пациенти кои не знаат дали да примат, доаѓаат да се консултираат, дали смее со нивната здравствена состојба да примат вакцина, вели Д-р Димовска.

Вакциналниот пункт во Битола треба да работи до 31 јули, меѓутоа тоа ќе се потврди во зависност од тоа како ќе се движат бројките. 

-Во зависност колку ќе имаме ревакцинации од овие вакцини што моментално ги даваме, дали ќе овозможи капацитетот на останатите помали пунктови во здравствените домови, да одговорат на тој број на луѓе. Значи во зависност од тоа ќе го направиме планот. Сепак, населението ќе биде известено ако има промена каде ќе се одвива ревакцинацијата, вели Д-р Димовска.

Вчера во Битола беа вакцинирани 1932 граѓани, од кои 1720 во пунктот, додека 212 беа опфатени со теренска вакцинација. Според податоците на Министерството на здравство, во Битола 38,9% од граѓаните примиле вакцина и високо котира на листата.