Македонија
3. March 2019 - 18:09

Зголемен бројот на пожари во прилепско

Во споредба со лани бројот на пожари во Прилеп е зголемен за 40%. Во јануари и февруари биле регистрирани по околу 100 пожари месечно, а додека минатата година во овој период имало од 70 до 80 пријавени пожари месечно. Од Противпожарната екипа во Прилеп велат дека бројот на пожари во градот бил зголемен поради ненавремено исчистените оџаци, а додека во селата поради палењето на стрништа. Апелираат да престане намерното палење на стрништата затоа што ќе се започне со големи казнени мерки.

„Казнената политика како средство е неблагодарна, но влијае. Сепак мислам дека прво треба да се подигне свеста кај граѓаните, како прво и основно средство, а ако тоа не е можно, тогаш се оди на казнени мерки. Во овие два месеци, во поглед на казните, не е ништо превземено. Затоа е и целта на овој апел“, вели Виктор Стојчески, командир на против пожарна бриигада во Прилеп.

Граѓаните признаваат дека неисчистените оџаци можат да бидат еден од главните фактори за предизвикување на пожари. Апелираат до сограѓаните редовно да ги чистат.

„Јас еве конкретно го чистам оџакот 4 пати во текот на зимата, поради безебдност“, вели еден граѓанин.

„Оџаците треба да се чистат бидејќи се опасни, јас само ги чистам кога има потреба, а еднаш годишно викам и професионалец“, вели друг граѓанин.

„Опасно е мора да се чистат за да не дојде до пожарии“, рече трет прилепчанец.

Во полето пак пожарите настанувале бидејќи земјоделците ги палеле стрништата пред да ораат.

„Стрништата се палат за да ораат. Но со тоа ништо не се добива единствено може да се предизвикаат пожари ако има многу сува трева и дрва наоколу, па може да дојде до големи пожарии“, вели еден граѓанин.

Инаку противпожарната единица во Прилеп моментално брои 42 вработени и на располагање има 7 возила. Според нормите, општина Прилеп треба да има барем 65 пожарникари и многу повеќе возила.