Македонија
15. February 2023 - 16:34

Згаснува ОФФест, бурни реакции за годишната поддршка на проекти од културата

По 21 година организаторите го откажуваат култниот „ОФ -фест“, откако Министерството за култура одлучи да им додели само половина од сумата која ја добија лани. Одговорните на фестивалот велат дека доделените милион денари за проекти од национален интерес во културата, скратени за половина од минатогодишната сума, не овозможуваат ни најминимални финансиски услови за одржување на фестивалот..

За жал, по 21-годишна убава фестивалска традиција, не ни останува друг избор. Од третманот на ОФФест, како и на есенскиот Скопски џез фестивал, кому, исто така, му се скратени средствата од актуелната министерка за култура веројатно не треба да бидеме изненадени. Особено ако ја имаме на ум нејзината изјава дека културните проекти во иднина ќе мора да водат повеќе сметка за својот „забавен карактер“. Во што ОФФест и Скопскиот џез фестивал очигледно тешко се вклопуваат.

Наместо конкретно да одговори, која е причината за намалувањето на државната поддршка за фестивалот министерката за култура ги повика организаторите да поднесат жалба и да ја чекаат одлуката на Комисијата. За Костадиновска Стојчевска Комисијата која одлучувала, стручно ја завршила работата.

Културните работници се гневни велат дека министерката лично им се одмаздува. Реагираат дека годинава се поддржува се што не е е македонско. Социјалните мрежи се преплавени од реакции по одлуката со 5000 евра да се поддржи концерт на Цветанка Ласкова. Јавноста реагира дека одлуката се носела по партиска линија, па таа најави дека ќе ги врати парите.

Чувствувам обврска да објаснам дека јас Цветанка Ласкова, не конкурирав за одбележување на 50 години од мојата музичка кариера. Тоа беше идеја на продукциското студио...Овој проект го прифатив со чест и задоволство, но и покрај одличната идеја, заради својот мир инсистирам организаторот на проектот да ги врати одобрените средства.

Стручната комисија одлучила и дека за организација на култниот Макфест се доволни само 6500 евра. Поради скратените пари доведено е во прашање и одржувањето на Малиот битолски монмартр. Минимални средства се одвоени и за фестивалот за детски песни Златно славејче. Бројни се реакциите дека Министерството годинава одлучи да не поддржи ниту една патриотска песна.

Меморија, ДНК, Некст тајм и други македонски бендови нема да добијат ниту денар за понудените проекти, а од друга страна министерството одобри околу три илјади евра за концерт на хрватскиот музичар Петар Грашо, поради наводен национален интерес за настанот.

Ивица Димитриевиќ од Синдикатот на култура за Сител велат дека ова  беше јасно уште откако беше изгласан и самиот буџет. Но она што загрижува е што повторно се финансирани проекти кои се нејасни, а уште повеќе штпо се делат на партиски подобни и неподобни.

И Друштвото на писатели ќе бара одговорност од Министерството ако не се отстрануваат пропистите и одлуката да не се финансираат автори и нивните најнови дела. За дел од одбиените министерката вели дека поднесените пректи немале културни елементи.

Реагира и опозицијата - Дијагнозата на Годишната програма се вика: одлевање милиони од денарот за културата одвоен од сите македонски даночни обврзници, за партиско-сценски изведувачи и музички фестивали и манифестации на актуелната власт.

До крајот на неделава ќе бидат доделени и решенијата по што ќе следи преиодот од 15 дена за жалби на одлуките.