Бизнис
10. July 2018 - 21:34

Земјоделците од пелагониско од утре ќе пријавуваат штети од невремето

Штетата која ја направи времето викендов во Могила е голема, а таа се движи од 70-80%, додека на некои места е 100%. Советот на Општина Могила денеска одржа вонредна седница на која се расправаше за природната непогода која ја зафати оваа општина. Претседателот на Советот, Александар Јанкуловски за Сител вели дека најпогодено е селото Српци, а оштетени се градинарските култури, доматот и пиперот, житните култури и тутунот.

Земјоделците од утре во наредните четири работи дена ќе можат да ги пријавуваат штетите. Од општина Могила апелираат попрецизно да ги обележат парцелите, но и да се организираат заедно по местата со цел општинската комисија побрзо да ги направи проценките. Откако земјоделците ќе ги поднесат барањата, после вторник наредната недела, комисијата ќе излезе на терен. Проценката на оваа комисија ќе биде првична, а потоа ќе се чека од министерствата и бирото за судско вештачење за да дадат завршна проценка.

Од општината апелираат до надлежните министерства максимално да се вклучат, затоа што се работи заголеми штети и да се најде начин да им се помогне на земјоделците.

Овој регион беше погоден од невреме и пред 20 дена кога најпогодени беа Могила и Радобор, а досега се поднесени 188 барања за проценка на штетата.