Земјоделците од Могила поднесуваат пријави за обештетување од невремето
Земјоделците од селата Долно Српци, Вашарејца, Беранци и Ивањевци започнаа со поднесување пријави за обештетување на посевите кои беа уништени со невремето. Денеска до 14 часот биле поднесени 45 пријави од невремето во саботата, а од општина Могила велат дека наредните два дена се очекува да се зголемат на 200 до 250 нови барања. Заедно со барањата од невремето пред 20-тина дена, тоа се повеќе од 400 барања за обештетување на земјоделците од општина Могила.
-Ова не е првпат да се случи ваква непогода во Општина Могила, се случува скоро секоја година, скоро 5-6 години наназад. Комисијата излегувала вршела проценки, но до ден денес мислам дека никој не е обештетен, уште од поплавите во 2015, вели Александар Јанкуловски, претседател на Советот на Општина Могила.
Едно од решенијата за ваквите состојби е осигурувањето на посевите, но дел од земјоделците се соочувале со проблеми.
-Дел од земјоделците имаат навика да осигуруваат, но осигурителните компании имаше некој проблем, не сакаа да издаваат, а ова се случуваше 30-тина дена наназад. Не сакале бидејќи имале многу пријави за штети во ресенско и други делови од државата. Со еден збор, велеа дека не им е исплатливо да осигуруваат, изјави Александар Јанкуловски, претседател на Советот на Општина Могила.
Советот на Општина Могила на седница формираше Комисија за елементарни и природни непогоди која ќе излезе на терен веднаш после завршувањето на крајниот рок за поднесување на барањата, кој е до 16 јули.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар