Македонија
11. May 2017 - 16:17

Земјоделците ќе ги добијат субвенциите по објавата во службен весник

Земјоделските субвенции ќе се исплатат откако Уставниот суд ќе ја објави вчерашната одлука. Буџетот е ликвиден и нема потреба од ребаланс. Ова го изјави министерот за финансии Миноски. Се чека  решението на судот и од тоа ќе зависи кога ќе почне исплатата.

- Треба да ја видиме одлуката и да видиме кога ќе биде објавена. Доколку не е спорна и ако не постои законска пречка ќе може да се почне со исплата на субвенции, рече Миноски и додаде дека најголем дел од документите стапуваат на сила во моментот кога ќе бидат објавени, било да е тоа официјално на веб страница или во Службен весник.

Од Уставниот суд брифираат дека деловничката процедура сеуште не е завршена. Во прашање се денови кога ќе биде објавено конечното решение.

И министерот за земјоделство го чека објавувањето на одлуката на судот. Истовремено информира дека околу 11 000 барања за проценка на штети од пролетниот мраз поднеле земјоделците заклучно со вчерашниот ден. Износот на обештетување кое ќе го добијат од државата ќе зависи од висината на штетите.

Вчера уставните судии донесоа времена мерка со која се овозможи исплатата на субвенциите. Беше поведена постапка за оценување на уставноста на спорните членови од два закони, кои не дозволуваа исплата на субвенции до формирањето на Влада.