Македонија
19. April 2025 - 16:47

Зелени површини против загадувањето во Струмица, нов парк наместо трговски центар

Наместо трговски центар, нова парковска површина од близу 40.000 квадратни метри. Општина Струмица ја започна изградбата на нов парк кој ќе биде втор по големина во општината и се очекува значително да придонесе за почист воздух и подобар квалитет на животот  на граѓаните.

Изградбата на паркот е дел од пошироката стратегија на локалната самоуправа за зголемување на зелените површини, како еден од начините за справување со загадувањето на амбиенталниот воздух.

Првата фаза од проектот се реализира преку Програмата за прекугранична соработка со Бугарија, со финансиска поддршка од Европската Унија во износ од 350.000 евра. Станува збор за неповратен грант, што значи дека граѓаните немаат обврска да ги враќаат средствата.

Дополнително, во втората фаза, која ќе се реализира со финансиска поддршка од УНДП, ќе бидат инвестирани околу 15 милиони денари. Овој дел од проектот е изгласан како приоритетен на граѓаните преку Форумот на заедницата.

Според најавите, комплетното уредување на новиот парк се очекува да биде завршено за околу една година.Покрај овој проект, локалната власт најави и неколку нови зелени иницијативи, меѓу кои изградбата на ,,Боемскиот парк,, како и раззеленување на површина од 30.000 квадратни метри во делот кај Турското маало, по завршувањето на изградбата на новата социјална населба.