Зеќир Рамчиловиќ станува амбасадор, ќе се формира нов секретаријат за поддршка на историската комисија
Нова група од четири имиња заминува на амбасадорска мисија. Реакциите резервирани за едно од нив.
Зекир Рамчиловиќ, кој добил согласност од Црна Гора, патува во Подгорица со отворен предмет од Комисијата за спречување на корупцијата, откако е прозван дека влијаел при вработувањето на неговата сопруга и синот во МВР.
Рамчиловиќ нема дипломатско искуство и е пратеникот кој се одметна од матичната ВМРО ДПМНЕ, откако со седум други колеги гласаше за промена на името. Потоа стана дел од оваа независна пратеничка група, а сега е актуелен пратеник на СДСМ.
Рамчиловиќ за амбасадор, е доказ за партизираната дипломатија и како преку распродажба на државните интереси се добиваат функции, реагира опозицијата.
“Наместо соодветен кадар кој достојно ќе ја претставува Македонија, власта за амбасадор поставува свој партиски послушник кој од дипломатија разбира само продажба на државните интереси на Македонија и преговори за фамилијарни вработувања. Така, откако гласаше за промена на името на Република Македонија, СДС прво го награди Рамчиловиќ и го стави пратеник, а потоа наградата се прошири и за неговото семејство. Најпрвин си ја вработи сопругата на висока позиција во МВР, а потоа и неговиот син го вработи како полицаец”, велат од ВМРО ДПМНЕ.
Функција амбасадор добија и актуелниот директор на АНБ Виктор Димовски кој оди во Париз, поранешниот министер за одбрана Јован Манасиевски патува во Анкара, а Зулфи Исмаили во претставништвото на ЕУ во Брисел.
Покрај новите шефови на ДКП, тема на денешниот брифинг во МНР беше и новата средба на историската комисија. По наводите на опозицијата дека историчарите договориле заедничко чествување на Гоце Делчев, министерот Османи дециден:
“Рабирам политичка дебата , но класични лажни вести за да се манипулираат граѓаните е опасен преседан...Не е зборено за Делчев”
Новост во работата на Комисијата е тоа што се формира посебен Секретаријат. Петте члена ќе имаат задача да им бидат асистенти на македонските историчари, односно ќе им ги подготвуваат материјалите и ќе помагаат во административниот дел, со цел подобра подготвеност за нивните средби.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар