Македонија
27. May 2021 - 16:36

Здружението на историчари обвинува дека реформата во образованието има за цел ревидирање на историјата по теркот на соседите

Новата наставна програма за 4-то одделение предвидува целосно бришење на поимот македонска нација и негова замена со терминот граѓани на Република Северна Македонија. Интервенција со политичка заднина, тврди професорот Панов, кој на научната трибина за најавената промена на учебниците по историја напомена дека новиот концепт за основно образование има скриени мотиви.

Еден од нив е ревидирање на историјата за задоволување на меѓудржавните, но и внатрешни договори, процес кој ќе биде кобен за македонската нација, предупредува историчарот.           

„Општ е впечатокот дека мешањето на граѓанскиот и мултиетничкиот концепт на државата во наставните програми само ќе води кон натамошни поделби во македонското општество, од причини што во целост се игнорира историскиот процес на градењето на македонската нација. Нацијата останува без име, без идентитет и придавка што конечно ќе создаде простор за доминација на етничкиот концепт кој ќе доведе до нови сериозни поделби во државата”

Предлози за промена на учебниците стигнаа и од Здружението Мировна акција и Асоцијацијата на наставници по историја. Тие, пак, повикаа на модернизирање на наставната програма, но преку отстранување на етничката подвоеност во содржината.      

„Проблемот е така конципиран да е поделен на бинационален пристап. Имаме македонска национална историја и албанска национална историја и ретко каде може да се најдат заеднички точки на поврзување”

Една од нив е и конфликтот од 2001-та година.

„Тука тешко се совпаѓаме. Ние разговараме но морам да кажам дека сите се држеа до своите позиции...”

Актерите во проектот се децидни дека целта на нивните предлози е осовременување, а не политизирање на наставните содржини и најавија дека тие ќе бидат доставени до МОН.

Видеа од Македонија