Македонија
4. August 2022 - 13:02

Здружение на јавни обвинители: Писмото од Русковска го нарушува угледот и Етичкиот кодекс на јавните обвинители

Здружението на јавните обвинители на Република Северна Македонија остро реагира на отвореното писмо од јавниот обвинител Вилма Русковска упатено синоќа преку медиумите до странски амбасади и меѓународни организации.

Како професионално здружение, се посочува во денешната реакција од Здружението на јавни обвинители, со зачуденост го проследивме дописот за кој сметаме дека го нарушува угледот на јавнообвинителската функција и грубо го прекршува Етичкиот кодекс на јавните обвинители.

– Имено, како јавни обвинители не гледаме ниту една причина за ваков драматичен полноќен повик до меѓународни институции и дипломати, особено што ниту обвинителката Русковска, ниту останатите обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во ниту еден момент не биле спречени самостојно да водат истраги за предмети во нивна надлежност, подвлекуваат од Здружението.

Меѓутоа, при постапувањето во предметите, и тие како и сите останати јавни обвинители, истакнуваат, мора да се водат од начелата на законитост и правичност.

– Освен тоа, Јавното обвинителство е засновано на принципите на хиерархија и субординација, што значи дека секој јавен обвинител за својата работа одговара пред повисокото обвинителство. Ниту еден јавен обвинител не смее да се смета себе си за семоќен и да одбива контрола над постапувањето. Таквата контрола токму има за цел да се избегне незаконито постапување и самоволие, како и да се гарантира праведноста на постапката, се вели во реакцијата.

Јавното обвинителство, стои во реакцијата, имало и има капацитети и институционални можности да ги преземе сите неопходни дејствија и апсолутно независно да одлучува во секој еден предмет, без притоа да има потреба од надзор од амбасади или меѓународни организации.