Здравствени работници “трпат” насилство во болници и клиники и не пријавуваат
Дури 70 проценти од лекарите во Македонија анонимно се изјасниле дека се соочиле со физички или вербален напад на работното место, а 8 отсто биле “тепани”.
Најмногу на удар се вработените во Брзата помош и Ургентните центри. Но, лани во Лекарската комора имало само три пријави за насилство врз здравствени работници.
Нашиот здравствен систем не е идеален сите тоа го знаеме, но тоа не е причина некој да не нападне, да не тепа...затоа што јас сум таа која цел живот учам за да помогнам некому, што сум се посветила кон таа професија, да бидам покрај болен пациент, да ја откријам неговата дијагноза и да го лекувам колку што е можно подобро, рече проф.д-р Калина Гривчева Старделова, претседателка на Лекарската комора.
Од пред 3 години нападот врз здравствен работник се смета за напад на службено лице и кривично се гони. Во 2025 -та според увидот во пресудите од судови во помали градови тројца насилници се осудени на условни или парични казни. Токму долгите и сложени процедури како и системските недостатоци ги предомислуваат лекарите да го пријават насилството врз нив иако според психијатарот Хаџихамза последиците се сериозни.
Вклучуваат психолошки стрес, анксиозност и прегорување, што многумина ги принудува да размислуваат за напуштање на професијата или заминување во странство, што дополнително го слабее здравствениот систем, рече проф. д-р Карди Хаџихамза, член на Извршниот одбор на Лекарската комората.
Министерот Азир Алиу апелираше сите напади врз медицински лица да се пријават и најави воведување на таканаречено “паник” копче во сите болници и клиники
Кое ќе се поврзе со системот и преку кое при насилство врз здравствен работник ќе може да се алармира, односно побрзо ќе се известуваат надлежните институции, рече Азир Алиу, министер за здравство.
Ваква алатка има во Словенија по убиството на лекар на работното место. Денеска се одбележува европскиот ден за подигнување на свеста за насилството врз докторите и здравствените работници.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
