Македонија
21. July 2016 - 13:58

Завршија овогодишните истражувања на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане

Завршија овогодишните истражувања на локалитетот Градиште кај селото Младо Нагоричане, што се реализираа со финансиска поддршка на Министерството за култура во соработка со Управата за заштита на културното наследство. Истажувањето го спроведуваше проф. др. Марјан Јованов од Филозофскиот факултет во Скопје, од Институтот за историја на уметност и археологија, во соработка со археолозите од НУ Музеј Куманово.

 
Повеќеслојното наоѓалиште, археолозите го истражуваат три години по ред и досега се откриени делови од градби, меѓу кои значајни се остатоците од градбата кои најверојатно припаѓале на луксузна резиденција или палата, која датира од 4 век пр. н.е., чии ѕидови биле премачкани со малтер. Пронајдена е и богата декоративна камена пластика и капители од јонски столбови.
 
- Задоволни сме од откриените резултати, со годинешнава кампања на истражување констатиравме дека локалитетот има голем археолошки потенцијал и претставува населба од класичниот период која што својот живот ќе го заврши некаде во раниот трети век пред новата ера. Станува збор за повеќеслојно наоѓалиште со преубава архитектура за тоа време. Откривме остатоци од луксузна архитектура, градби во чии склоп биле вградувани јонски столбови од локално производство, значи локалниот камен од кој што се произведени, за што доказ се деловите од тие столбови. Откривме ѕидови премачкани со малтер со фреско декорација, што сведочи за високото културно и цивилизациско ниво на кое што се наоѓал овој засега безимен град на локалитетот Градиште, изјави Јованов.
 
Тој се надева дека ќе продолжат со истражувањата и во наредниот период, бидејќи, како што појасни, овој локалитет е еден од малкуте од тој вид во Македонија.
 
- Почнуваме да размислуваме за посериозна презентација, конзервација и промоција на локалитетот пред пошироката јавност, изјави Јованов.
 
Локалитетот Градиште во  Младо Нагоричане е откриен пред околу 30 години, а уште при самото прибирање на површинскиот материјал, увидено е дека станува збор за богата населба лоцирана на левиот брег на Пчиња, која егзистирала во периодот на енеолитот, железното време, раната антика и хеленизмот.