Македонија
30. January 2018 - 18:11

Заврши собраниската расправа за законите за патни трошоци на пратениците во прво читање

Собранието, попладне на продолжение на 32. седница, ја заврши општата расправа за предложените измени на Законот за плати  и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, и на Законот за пратеници, предложени од пратениците од СДСМ и коалицијата, двата во прво читање, а со кои се предлага намалување на висината на патните трошоци за народните избраници.

Поради недоволен број пратеници, гласањето за законите, како што најави претседателот на Собранието Талат Џафери, ќе се одржи на следно продолжение на седницата кое ќе биде закажано дополнително. 

Предложените измени предвидуваат наместо досега утврдените 30 проценти од продажната цена на еден литар гориво, според изминат километар на возилото кое се користи, пратениците да добиваат надомест во висина до 20 проценти, од продажната цена за еден литар гориво.

Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ, образложи дека предложените закони се последица на нивната намера да отворат дебата за намалување на патните трошоци, што треба да предизвика сет предлози од сите пратенички групи.

- Искрено се надеваме дека во оваа дебата ќе се вклучи и опозицијата која барем вербално изрази подготвеност дека се согласи со предлозите парламентарното мнозинство. Првпат се случува дебата која треба да ја отслика нашата искрена намера да се намалат високите надоместоци за престој и превоз на пратениците од внатрешноста и да се  избере метод, начин  на регулирање кој ќе ги спречи евентуалните злоупотреби, кои всушност се најголемата претпоставка, а веќе гледаме дека од  соодветни институции има и истраги за злоупотреби на народните пари во смисла  на  патните трошоци, рече Тунтев. 

По прифаќање на овие предлог закони, како што најави, планираат да достават предлог одлука до Комисијата за избор и именување да се смени постоечката формулација за исплата на надоместоците со приложување патен налог и фискални сметки. Тоа треба да се смени со формулацијата патен налог, фискални сметки и слип односно потврда од платени фискални сметки со кредитна или дебитна картичка. - Плаќањето со кредитна и дебитна картичка е или на име и презиме на носителот или на бројот на картичакта. На тој начин нашите намери се искрени да ги остраниме сите сомнежи во јавноста дека некои од пратениците имаат намера да ги злоупотребуваат овие работи, наведе Тунтев.

Собранието ја заврши и општата расправа по Предлогот за изменување и дополнување  на Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост, по скратена постапка. Со тој закон  се предлага членовите на Комисијата за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост наместо плата во иднина да добиваат годишен надомест со што десеткратно би се намалиле трошоците за работа. 

Без расправа беа затворени претресите и дополнително ќе се гласа за  Предлог финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за 2018 година, Предлог одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности и годишниот приход на давателите на водни услуги остварен од давање на водни услуги, за финансирање на работењето на РКЕ, како и предлог одлуките за одобрување на финансискиот план за 2018 година на Македонската радио телевизија, на Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор на Годишната програма за работа на Агенцијата за пошти, за 2018 година. 

Затворена е расправата и за Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување за 2018 година, како и предлог одлуките за давање согласност на Одлуката за висината на месечниот надомест што го наплатува Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување од пензиските друштва, за давање согласност на предлогот на Годишниот финансиски план на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2018 година и на Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство, за 2018 година...

На 32. седница пратениците треба да гласаат и за годишните извештаи за работата на Судскиот совет на Република Македонија за 2016 година, за работата на Државниот совет за  превенција на детско престапништво и за состојбите во областа на правата на детето и  детското престапништво во 2016 годинa, на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2018 година, како и на барањето за давање на автентично толкување на член 39 од Законот за Агенцијата за разузнавање, поднесен од Стево Пендаровски. л