Македонија
7. December 2023 - 20:12

Заврши распитот на Стојков, за Димковски отворена истражна постапка

Заврши 24-часовниот распит во полициска станица на адвокатот на Палчо, Васко Стојков. Јавен обвинител оценил дека до овој момент не постоеле законски основи да бидат предложени мерки на обезбедување.

Но, како што велат оттаму проверките за негова евентуална инволвираност во кривично-правен настан продолжуваат. 

Адвокатот го однел осомничениот од Скопје до Белград, а според неговите првични тврдења, не знаел дека Палевски извршил убиства, туку мислел дека го носи на лекар. Стојков тврдеше дека за случајот дознал, кога се вратил во Скопје. 

Дополнително, ОЈО Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка за струмичанецот Стефан Димковски поради основано сомнение дека сторил кривично дело – Помагање на сторител по извршено кривично дело. 

Според образложението на Обвинителството во период од 01.12.2023 година до 03.12.2023 година осомничениот му помогнал на сторител да не биде откриен за две кривични дела – грабнување, како и две убиства на свиреп, обезбедувајќи му превоз со автомобил.

,,Сега осомничениот, по претходна комуникација и договор со сторителот кој се наоѓал во Република Србија, со возило Ланд Ровер со струмички регистарски ознаки се упатил кон Белград. Таму се сретнал со Палчо и заедно со возилото се упатиле кон границата на Србија со Бугарија – граничен премин Калотина. Границата ја поминале на 02.12.2023 година, па движејќи се низ територијата на Р. Бугарија истиот ден пристигнале на границата со Турција, граничен премин Капитан Андреево, и влегле во Турција. Таму биле заедно до 03.12.2023 година, по што сторителот останал, а сега осомничениот со возилото преку Грција се упатил кон државава каде бил приведен на граничниот премин Стар Дојран. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице“, се наведува во соопштението на ОЈО Скопје.

Телата на малолетната Вања и велешанецот Панче беа пронајдени во близина на Скопје и Велес. За нивното убиство, покрај Палевски, се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои ја признаа вината.

Во случајот, според истрагата, е вмешан и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека споделувал информации со останатите осомничени за движењето на неговата ќерка, а за кого Обвинителството информираше дека ги негирал дејствијата.