Затворениците во Битола добија нови книги за читање
Битолската библиотека донира книги за поуспешна рехабилитација и ресоцијализација на затворениците
Историја на Македонија, дела од современи македонски писатели, светски бестселери со љубовна, трилер, психолошка и социјална тематика, ја сочинуваат донацијата на битолската библиотека за затворот Црн Мост во Битола. Седумдесетте наслови кои ќе ја збогатат затвореничката библиотека се внимателно избрани со цел побрза и поуспешна рехабилитација и ресоцијализација на затворениците.
На иницијатива на директорот на битолскиот затвор, установата потпиша меморандум за соработка со библиотеката, по што треба да следат активности поврзани со збогатување на библиотечниот простор, учество на затвореници во програмите за ресоцијализација, предавања, библиотерапија, описменување и информатичка писменост.
Битолската библиотека утре ќе донира списанија, а во периодот што следи редовно ќе ги зголемува можностите за квалитетно исполнување на слободното време на стотината затвореници во затворот во Битола.
-
Методија Куновски
Сите содржини од овој новинар