Македонија
20. March 2019 - 13:50

Затвор Скопје ги спроведе препораките од Управата за извршување санкции

Казнено – поправната установа Затвор Скопје во најкус можен рок и во целост ги реализирала задачите дадени од Управат за извршување на санкциите по однос инцидентите во одделението за притвор случени на ден 21.02.2019 година.

Ова го покажува контролниот стручно-инструкторски надзор извршен на 15 овој месец, по усна наредба на Директорот на Управата за извршување на санкциите.

При надзорот од страна на службени лица е изготвен записник и разговор со директорот на КПУ Затвор Скопје – Ѓоко Котевски кој, како што информираат од Управата за извршување на санкциите, посочил дека во најкус можен рок е постапено и реализирани се задачите дадени со Наредбите со бр.08-385/2 од 26.02.2019 година, дадени од директорот на Управата за извршување на санкциите по однос инцидентите во одделението за притвор склучени на ден 21.02.2019та година.

Надзорот, информираат од Управата, покажал дека:

– На сите шеталишта е поставено дополнително рефлекторско осветлување со што е овозможено подолго користење на истите во текот на денот, а поставена е и нова безбедносна мрежа на истите.

– Истовремено, со продолженото користење на шеталиштата овозможено е движењето на чист воздух на притворените лица да се спроведува на начин што лицата од секоја притворска просторија се сами на шеталиштето, т.е. не се мешаат со притворени лица од други простории.
– Со оглед на фактот дека за реализација на наредбата за зголемено присуство на службените лица во време додека притворените лица се наоѓаат во шеталиште, е потребен дополнителен број на припадници на затворската полиција, директорот на КПУ Затвор Скопје со Наредба ги има задолжено оние припадници на затворската полиција кои имаат задача да го извршуваат спроводот на притворените и осудените лица, откако ќе ги завршат овие работни задачи, задолжително да се ангажираат од страна на дежурниот командир на смена на работи и работни задачи во притворското и затвореното одделение на установата.

– Исто така со Наредба од директорот на КПУ Затвор Скопје, доделени им се дополнителни задолженија на командирите на смена и нивните заменици во затворската полиција по кои треба да постапуваат при приемот на новодојдени осудени и притворени лица кои според нивна проценка претставуваат ризик по безбедноста на КПУ Затвор Скопје, а исто така наредено им е и детално евидентирање на настаните во одделението за притвор.

– Заради детално истражување на случувањата од 21.02.2019 година, директорот на установата формираше комисија за испитување на причините кои доведоа до случување на настаните и како резултат од работата на оваа комисија, директорот  веќе има донесено решенија  за изрекување дисциплинска санкција за некои од припадниците на затворската полиција, додека против некои од нив, дисциплинските постапки сеуште се во тек, информираат денеска од Управа за извршување на санкциите.