Македонија
4. July 2015 - 16:44

Засилување на 3 регионални медицински центри со цел пацинетите да не се испраќаат во клинички во Скопје

Со набавка на нова опрема и субспецијализации за лекари, министерството за здравство ќе ги зајакнува капацитетите на болниците во внатрешноста. Одлуката доаѓа по загрижувачките податоци од МојТермин кои покажуваат дека само оваа година има над 28 000 упати од градовите кон скопските клиники. Толку пациенти овој период потрошиле пари, време и нерви за да ја добијат неопходната медицинска услуга. Новите мерки ќе почнат со Клиничката болница во Штип која покрива околу 250 000 жители од источниот регион. Таму како слаби точки биле детектирани невролошкото одделение,  гастроентерохепатологија, алерголошки испитувања за медикаменти како и градна хирургија.

-Со цел унапредување на работата на одделението за неврологија во КБ Штип ќе набавиме нов ЕЕГ апарат (електроенцелографија) и нов апарат за ЕМГ(електромионеврографија). На овој начин ќе овозможиме здравствената услуга пациентите да ја добијат во сопственото место на живеење, односно клиниката во Скопје да е растоварена од прегледи на овие пациенти, со што ќе се ослободат термини за пациенти на кои оваа здравствена услуга им е уште понеопходна. Втората мерка која ќе ја преземеме е унапредување на дигестивната хирургија и областа на гастроентерохепатологија во штипската болница. 
Министерството за здравство ќе спроведе мерка со која долгорочно ќе се унапредат овие одделенија во штипската болница, а тоа е обезбедување две дополнителни супспецијализации за дигестивна хирургија, како и две дополнителни супспецијализации во областа на гастроентерохепатологијата, кои ќе бидат предвидени во Програмата на МЗ за субспецијализации, изјави Никола Тодоров министер за здравство

Торакалната хирургија во Штип за почеток ќе ја покрива др. Сашко Јовев како дел од проектот дисперзирана клиника. Во иднина министерството најави супспецијализација на лекари и од оваа област.

-Ова се повеќе значајни мерки, на чие спроведување веќе почнавме интензивно да работиме. Тие ќе овозможат двоен бенефит – од една страна за пациентите кои повеќе здравствени услуги ќе добиваат поблиску до местото на живеење и нема да трошат дополнителни финансиски средства и време за патување до Скопје, а од друга страна значаен е бенефитот за клиниките во Скопје кои ќе бидат растоварени од дел од упатувањата, а со тоа ќе се овозможат повеќе слободни термини за пациенти на кои здравствената услуга им е можеби понеопходна. На овој начин, пациентите ќе гравитираат кон штипската болница како регионален медицински центар, изјави Тодоров 

Со новите мерки здравствените власти очекуваат трите клинички болници да прераснат во централни медицински установи во цел регион, односно чувари на терциерното здравство.