Македонија
25. September 2022 - 21:20

Засилени контроли пред утрешниот натпревар Македонија - Бугарија во Скопје

Околу 100 бугарски навивачи ќе го бодрат источниот сосед на утрешниот фудбалски натпревар со Македонија. Сите ќе бидат спроведени на градскиот стадион со посебен протокол. Од ФФМ веќе оствариле неколку средби со МВР и Бугарската фудбалска репрезентација, велат очекувањата се да помине се во најдобар ред, а апелираа за воздржаност од неспортско навивање, како и неспортски транспаренти.

И од МВР потврдуваат дека за утрешниот натпревар ќе има засилено обезбедување, а доколку се иницира насилство пред, дури трае натпреварот или по негово завршување предупредуваат дека ќе има соодветни санкции.

Предвидени се посебни мерки на безбедност и режим на движење на потесниот и поширокиот периметар околу Арената “Тодор Проески” каде се очекува поголемо присуство на публика, со цел одржување на стабилна безбедносна состојба, јавен ред и мир, како и гарантирање на безбедноста на учесниците во натпреварот.

Дел од аналитичарите велат дека нема да биде изненадување доколку се случат немири на утрешниот натпревар. Не ја исклучуваат опцијата за намерни провокации од бугарска страна со цел да соберат дополнителни политички поени со оглед на тоа што Бугарија се наоѓа во предизборен процес.

На натпреварот очекувањата на ФФМ се дека ќе бидат присутни околу 20.000 навивачи.