Македонија
27. July 2021 - 16:57

Засилена кампања за вакцинација од 14 август

На две недели пред стартот на учебната година здравствените власти ќе ја засилуваат кампањата за вакцинација. Што поголем број на вакцинирани наставници ќе значи и добро организиран наставен процес, но сегашните бројки се далеку од потребните за колективен имунитет. Министерот за здравство очекува до крајот на август да имаме 500 000 лица со примени две дози, а следниот месец за боцкање ќе бидат достапни само пунктовите во здравствените домови и теренските тимови.

-Во источниот дел на државата постои мал опфат на вакцинација, а прилично е висок во Охрид и во Битола.  Кампањата силно ќе се интензивира особено по 14 август, преку нашето Министерство за здравство, преку Делегацијата на ЕУ, преку Владата и преку УНИЦЕФ, со цел да се подигне опфатот на вакцинацијата. Луѓето кои се на терен по руралните места и докторите и медицинските сестри јасно ги бележат местата каде се спроведува таа вакцинација. Јасно се става до знаење на жителите на тие места каде се спроведува, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Во земјата и целосно заштитени заболеле од ковид но според Филипче таа бројка е мала односно 92 од над 330 000 ревакцинирани. Министерот за здравство упатувајќи апел до граѓаните да одат на имунизација најави и можни рестрикции за невакцинираните од наесен. Дали тоа ќе зависи забрана за одење во ресторан, кино или спортски натпревар ќе проценува Комисијата за заразни болести.

- Секаде во светот сега има една дебата што и како треба да се прави. Размислувањата одат во правец на тоа дали треба да се прави некаква рестрикција во однос на граѓаните кои се не вакцинирани, зошто да загрозуваат кога имаат можност да се вакцинираат, а не го прават тоа од какво било причини. Еве некои земји воведуваат брзи тестови за влез во маркети, места за културни настани и таканатаму. Така да размислуваме за тоа, се уште одлука не сме донеле. Меѓутоа ако процениме дека ризикот од невакцинираните, генерално популацијата, вклучувајќи ги и вакцинираните е доволно голем, ќе воведеме рестриктивни мерки, изјави Филипче.

Што се однесува до имунизацијата на деца, досега 630 под 18 години примиле една доза на Фајзер.