Македонија
30. March 2019 - 19:43

Заштитен појас за спас на Националниот парк „Галичица“

Преспа од вчера се бори со пожари на неколку места, а огнот се префрли и во Националниот парк Галичица. Пожарот започнал вчера од крајбрежјето под селото Сирхан, во близина на Отешево, но заради силниот ветер префрли преку патот и ја зафати шумата.

- Страшно, да ти е страв да гледаш, ние рековме куќите ќе одат. Три села беа скокнати да гасат, не множеа, вели МИЛАНКА КАРАПАЛЕСКА, ЖИТЕЛ НА СЕЛО ШУРЛЕНЦИ.

Од противпожарната единица од Ресен велат дека ова досега не се случило. Минатата година имале 126 пожари вкупно, додека за три месеци од почетокот на оваа година имало 113 пожари.

- Интервентиравме 8 пожарникари со 4 возила, силен ветер спречуваше во работата, имавме помош од противпожарната единица од Охрид 1 возило и 6 пожарникари, како и 10 лица од НП Галичица и со помош на мештаните успеаја да го спречат да се фати населбата. Трската и националниот парк мислам дека 300 хектари се изгорени, вели РИСТЕ ИЛИЕВСКИ, КОМАНДИР НА ТППЕ РЕСЕН.

Екипи од Националниот парк Галичица се на терен и прават заштитен појас за да не се прошири пожарот. Денеска имаше неколку активни пожари во Општина Ресен, едниот во реонот на населбата Стење, другиот кај село Долно Перово и третиот кај село Прељубље. Градоначалникот на Ресен побара да се направи истрага, да се најдат и казнат сторителите.

- Време е да се стави крај на овие пожари. Затоа бараме сите надлежни институции да излезат на терен, да делуваат, рече ЖИВКО ГОШАРЕВСКИ, ГРАДОНАЧАЛНИК НА РЕСЕН.

Пожарот зафатил и два далновода на ЕВН заради што селата од Коњско до Сирхан останале без електрична енергија.

- Во текот на интервенцијата, далеководот беше во прекин, по завршувањето на интервенцијата екипите работеа и санираа дел од дефектите. Сега сите корисници имаат напојување, но во наредните денови ќе има прекини да се заменат изгорените столбови, рече Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН.

Денеска гореше и трската кај паркот на природата Езерани, кој е заштитен резерват на ретки птици .