Македонија
9. November 2019 - 16:42

Заштитата на Маркови кули од УНЕСКО зависи од пристапот на државата

Апликацијата на Маркови Кули за постојаната листа на УНЕСКО не смее да трпи никакви импровизации, лични, групни или било какви други интереси. Токму затоа е потребен максимален научен пристап. Ова е ставот на експертите од Институтот за старо словенска култура од Прилеп под чија надлежност се наоѓа ова заштитено подрачје. Без посериозен пристап на државата би можеле да пропаднат сите обиди после Охрид овој регион да биде втор од Македонија на листата на УНЕСКО.

„Мораме да имаме во предвид дека грешката во апликацијата значи дека ние за навек си ги затвораме вратите да претендираме на листата на УНЕСКО како највисок ранг во сферата на природното и културното наследство. Ако ние претендираме да бидеме еднакво вредни со охридскиот регион така треба и да се однесуваме, а не со некоја површност и неодговорност“, истакна Бранислав Ристески, директор на Институтот за старо-словенска култура.

Културните добра во овој регион се доста обработени во научните трудови и тука нема да има проблем со апликацијата, но била потребна меѓународна помош околу валоризација на природното наследство на регионот за кое нема издадено многу трудови.

„Дополнително ние вршевме консултации со светски еминентни научници од сферата на природните науки и нивното мислење во сегментот на геологијата е дека сами за себе геолошките содржини не се доволен аргумент за постојаната листа на УНЕСКО туку дека мора да се аплицира како мешовито добро со нагласок на културните содржини“, додаде Ристески.

Инаку на Мрковите Кули финишираше проектот вреден 100.000 долари, финансиран од ЕУ, а реализиран од УНДП чија основна цел беше поголема афирмација на просторот кај туристите. Се поставија патокази, инфо табли и се уреди патот.

„Привршува и делот кој е наменет за промоција како што се туристичките мапи, туристичка брошура и веб страна кои што ќе дадат детален опис на целото подрачје“, рече Борче Јанкулоски од ЛЕР Општина Прилеп.

Маркови Кули денес се наоѓа само на привремената листа на заштита на УНЕСКО. Времетраењето за влез на постојаната листа ќе зависи од способностите и потенцијалите како држвата да понудиме сериозна аргументација за тоа, што реално на терен ја имаме.