Македонија
22. April 2016 - 14:49

Засадени зимзелени садници во Градскиот парк во Скопје

Со засадување шест зимзелени садници пред Школката во Градскиот парк денеска Градот Скопје и Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“ го одбележаа 22 Април – Денот на планетата Земја.

На просторот околу Школката беа поставени три штанда, а волонтери-ученици од средните училишта на Град Скопје на минувачите им делеа картички со еколошки пораки и семиња од босилек и од пркос.  

Одбележувањето на овој значаен датум од еколошкиот календар на светско ниво годинава се одвива под мотото „Дрвја за Земјата“. Овој ден годинава, наведуваат од Град Скопје, е особено значаен поради тоа што во Њујорк светските лидери ќе го потпишат „Парискиот договор за клима“ кој дава стратешка ориентација за намалување на емисиите на јаглероддиоксид и фокус кон обновливите извори на енергија.