Зарко Милошевски именуван за нов директор на Агенцијата за национална безбедност
Зарко Милошевски е новиот директор на Агенцијата за национална безбедност, одлучи Владата. Функцијата ја презема од позиција на помошник директор на Одделот за безбедносни проверки и НАТО регистар во АНБ.
Според Владата, имал повеќегодишно искуство во раководење, организирање и координирање на Одделот, а работел и на спречување на тероризам.
- Милошевски е посветен, доверлив и долгогодишен професионалец кој својата кариера во безбедносните служби ја започнува во 1997 година во тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање при МВР, а неговата експертиза оттогаш до денес, кога е во Агенцијата за национална безбедност е во полето на спротивставувањето на насилен екстремизам, заштитата на уставното уредување како и во полето на спротивставувањето со тероризмот, велат од Владата.
Милошевски во својата кариера, според владата, се доусовршувал на повеќе домашни и странски обуки финансирани македонските институции, САД и Канада.
Опозицијата, пак, реагира дека со изборот на Милошевски продолжувала партизацијата, неспособноста и аматеризмот во АНБ.
Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Ковачки вели дека Милошевски не е нов човек, и со тоа ништо нема да се промени во Агенцијата.
- Тој му бил помошник и е кадар на Виктор Димовски и Миле Зечевиќ, а со тоа и на српската врска. Зарко Милошевски како Помошник директор за безбедносни проверки директно учествувал во случајот Онишченко. Тој е една од причините поради која Онишченко добива македонско државјанство, но очигледно дека тоа не значи ништо за тие што го поставиле. Милошевски е Помошник директор во АНБ и кога над 200 криминалци од регионот и светот добиваат македонски патни исправи, обвинува Ковачки.
Според пишувањата на „Фокус“, Милошевски во поранешната УБК напредувал кога директор беше Сашо Мијалков, а во Управата се вработила и неговата сопруга. И неговите двајца браќа извршувале функции и важат блиски до СДСМ.
Одлуката на Владата доаѓа откако неговиот претходник, Виктор Димовски оди за амбасадор во Франција, и покрај тоа што самиот призна пропусти на АНБ во случајот со македонскиот пасош на контроверзниот бизнисмен Олегсандар Онишченко.
И покрај смената на Димовски, за утре закажано е продолжение на отчетот за случајот Онишченко и се очекува тој да се појави во Собранието.
Комисијата продолжува со работа откако собранискиот спикер Џафери објави дека пристигнат е Извештајот за тоа како протече во јавност отчетот на директорот на АНБ од затворена комисиска расправа.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар