Македонија
19. March 2019 - 16:40

Запрена изградбата на 32 метарското минаре во Охрид

Стопирана изградбата на 32 метри високото минаре на Али пашината џамија во центарот на Охрид. Од Управата за заштита на културното наследство велат дека инспекторите на терен утврдиле низа неправилности и отстапувања од конзерваторското одобрение поради што инвеститорот бил и парично казнет.Инаку ова не е прв пат и минатата година беа забранети градежни активности на Али пашината џамија.

Раководителот на секторот за превенција и инспекциски надзор Звонимир Николовски за Сител во телефонски разговор вели дека проблемот е во тоа што инвеститорот не се придржувал до конзерваторското одобрение и за џамијата и за минарето.

- (По спроведениот надзор донесено е решение за запирање на работите. Иако инвеститорот тврди дека има анекс на конзерваторското одобрение, тоа не е доставено до нас и колку што знаеме, е предмет на Основното јавно обвинителство (ОЈО). Нашите ингеренции се до тука, а понатаму ингеренциите треба да ги преземе градежната инспекција, што ќе превземат тие останува да видиме.Исто така и во внатрешната страна на ентериерот од џамијата има неправилности)

Според Николовски потребно е да се направи стручна експертиза од страна на професори, архитекти и градежници и да се утврди дали треба да се гради минаре со височина од 32 метри.

Од граѓанското здружение Совест цели три години укажуваат дека незаконски се гради минарето на Али пашината џамија под превезот на Проектот за реставрација и конзервација кое ќе ја наруши визурата на градот Охрид.

За денеска беше најавен масовен протест и граѓанска непослушност но од здружението Совест го одложија  на неодредено време.Тие велат дека ваквиот развој на настаните се должи на реакцијата на институциите и нивно конечно прифаќање на одговорноста а за утре  закажана е средба со премиерот Зоран Заев.

Дали конечно ќе се реши проблемот околу изградбата на минарето кое предизвика меѓуетничка нетрпеливост останува времето да покаже.