Македонија
31. January 2019 - 11:52

Запознавање со други религии, ученици ја посетија џамијата во Кавадарци

Во рамки на наставата по предметот општество  и тематската целина за запознавање со други религии, но и проектот за меѓуетничка интеграција во образованието кој континуирано  се работи во образовниот процес, петтоодделенци од основното општинско училиште „Тоде Хаџи Тефов” од Кавадарци денеска ја посетија кавадаречката џамија.

– Ги запознавме децата со карактеристиките на муслиманската вера, а им појаснивме и по што таа се разликува од другите. Им кажавме дека сепак, во основа на сите е верувањето во Господ или Алах. Нагласивме дека треба уште од најмали нозе луѓето да се учат да се има почит кон било која вероисповед, да не постојат и најмали предрасуди, кога е во прашање нечија верска ориентација, за МИА рече Амет Фазлиов, претседател на Исламска верска заедница Кавадарци.

Учениците кои беа дојдени со своите наставнички имаа можност и да поставуваат прашања. Тие се интересираа за работи кои ги слушнале, доживеале или виделе на филм, а се поврзани со муслиманската вера.

На нивните прашања одговараа Фазлиов и двајцата имами во џамијата.