Македонија
10. October 2024 - 21:33

Започна одбележувањето на 11 Октомври

„Ништо не се учи, незнам зошто, треба повеќе да учиме историја затоа што не знаеме, 90% од младите не знаат за ова“, вели еден млад прилепчанец.

„Не ја познаваме доволно историјата, не учиме за неа“, вели друга млада прилепчанка.

„Не ја познаваме историјата доволно добро, треба да учиме повеќе“, додаде друг младинец.

За жал ова беа одговорите на најголемиот дел од младите на прашањето што точно претставува 11 Октомври и што точно знаат за НОБ. Сметаат дека недоволно си ја познаваат историјата бидејќи недоволно се учела на училиште. Единствено за овој празник знаат дека првата пушка пукнала во Прилеп и Куманово. Постарата генерација пак се горди на минатото и упатија силни пораки.

„Прилепските борци партизани го нападнале прилепскиот Участаток и со тоа се означува почетокот на Антифашистичката војна во Македонија. Нашата порака е почитувајте си ја историјата, ако ја сакате иднината“, вели еден граѓанин.

„Да младите да му се пренесе тоа што се случило тогаш и да остане вечно во сеќавање на секој човек“, додаде друг граѓанин. 

„Македонските револуционери ја нападнале бугарската полициската станица која се наоѓала токму во овој објект. Пораката наша е учете историја, интересно е“, вели еден помлад прилепчанец.

Вечерва во Прилеп со пригодна програма, импровизиран напад на Участакот и огномет започна одбележувањето на 83 годишнината од подигнувањето на востанието против фашистичкиот окупатор.

„Во Прилеп градот херој од каде со почетокот на пукнувањето на првата пушка против фашшистичкиот окупатор е започната борбата за слобода, борбата за непокор точно пред 83 години. Нашиот град оваа недела ја одбележува со многу манифестации настани, изложби. Упатуваме јасна порака дека живеевме со минатото ж, но ја преземаме обврската и за сегашноста и иднината“, истакна Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Утре ќе биде оддадена почит пред спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифоски Питу и Могилата на Непобедените.