Бизнис
19. April 2017 - 20:50

Запленето и уништено небезбедно пилешко месо од Бразил

Околу 1 300 килограми замрзнато пилешко месо од Бразил уништила Агенцијата за храна и ветеринарство. Пратката  е запленета на граничниот премин Ќафасан Ветеринарот по извршениот преглед констатирал дека месото потекнува од кланица која  не се наоѓала на листата на објекти кои се одобрени за извоз од страна на ЕУ. Кланицата ја изгубила дозволата за извоз на 23 март годинава. Месото е уништено на депонијата во Струга.

Инспекторите на Агенцијата вршат задолжителни контроли на секоја увезена пратка со месо и производи од месо. Покрај задолжителниот преглед на документацијата се врши и физички преглед на пратките.

Од АХВ велат дека по аферата со бразилското месо  тие со во постојана комуникација со македонскиот амбасадор во Бразил Ивица Боцевски, и разменуваат информации за последните случувања во тамошниот месен сектор.

Увозот се врши само од одобрени земји за увоз и од одобрени објекти. Секоја пратка мора да има ветеринарно здравствен сертификат со кој се гарантира безбедноста. Доколку се јави сомнеж се земаат мостри за лабораториска анализа. Пратката се става под надзор се додека не се добијат резултатите со кои се потврдува дека содржината е безбедна.

Лани од увезените 161 милион килограми месо од Бразил биле увезени речиси 8 милиони килограми месо и производи од месо. Најголемите количини се пилешко месо.