Балкан
9. January 2020 - 16:30

Запален автомобилот на потпретседателот на Српска листа во Лепосавиќ

Автомобил марка „Пежо“ со регистерски таблички „КМ“, сопственост на Славко Симиќ, пратеник во Собранието на Косово и потпретседател на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ), е запален синоќа во градот Лепосавиќ во северно Косово, на границата со Србија, јави приштинската агенција КосоваПрес.

Извор на агенцијата информира дека врз автомобилот е фрлена експлозивна направа, при што е причинета само материјална штета и нема повредени лица.

– Синоќа по полноќ, во 1.30 часот, пред зградата во која живее Славко Симиќ во Лепосавиќ, фрлена е експлозивна направа врз неговиот автомобил, при што автомобилот целосно изгоре, вели изворот на КосоваПрес.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, информацијата за запалувањето на автомобилот на Симиќ ја потврди и портпаролот на косовската полиција за северниот регион Бранислав Тадовиќ, без да изнесе детали за инцидентот.