Македонија
8. March 2016 - 13:40

Занаетчиството - потенцијал за развој на социјалното претприемништво кај младите

Со инцирање проекти во занаетчиството, индиректно се отвораат нови работни места, истакна денеска министерот за економија Беким Незири.

По денешната конференција што ја организираа општините Чаир и Гњилане, Незири нагласи дека и оваа година продолжува поддршката на занаетчиството. За оваа намена во буџетот се проектирани 500.000 евра.

- Владата продолжува со политиките за поддршка на занаетчиството. Како што лани го поддржувавме проектот за унифицирање на излозите во Старата скопска чаршија, продолжуваме и оваа година. Отворени сме за секоја идеа и иницијатива која ќе произлезе од еснафот за измена на законите со цел олеснување на нивната работа и враќање на старите автентични занаети, препознатливи за Чаршијата, посочи министерот.

Според градоначалникот на Чаир Изет Меџити, занаетите се модел за самовработување и отворање, водење личен, семеен бизнис, инспирација за многу млади луѓе да си обезбедат опстанок. 

- Старата скопска чаршија е срцето на општината Чаир и нејзиниот највитален дел и од економски и од духовен аспект. Тука се создаваат најважните економски активности во општината и што е уште поважно се пренесува на идните генерации една вековна традиција. Затоа поддршката на занаетите и поттикнувањето на младите да се занимаваат со одредени занаети останува наш приоритет, рече Меџити.

Со проектот за прекугранична соработка поддржан од ЕУ, додаде, планирани се активности за зачувување на старите занаети и нивно заживување што ќе придонесе за отворање нови работни места.

Занаетчиите искажаа задоволство од владината поддршка и поддршката на локално ниво која меѓу другото, предвидува унифицирање на излозите, поставување инфо пунктови и отворање модно училиште, се само дел од планираните активности,. Евидентно е, рекоа, раздвижувањето во однос на реализирањето проекти со единствена цел - поголема афирмација и популаризација на занаетите, како и креирање модели за нивна оддржливост.

- Се активиравме повеќе откако Министерството за економија и Општина Чаир ги поддржаа нашите идеи. Следните прокети се за менување на целата електрична инсталација во Чаршијата, ќе се постави оптички кабел за квалитетно интернет поврзување, како и техничко обезбедување со поставување 180 камери, ќе се сними секој метар на Чаршијата. Планираме и физичко обезбедување, сигурност и безбедност за сите што ќе ја посетат Чаршијата, изјави претставникот од здружението „Еснаф“ Бејтула Морина.

Главен фокус на конференцијата се занаетите и нивното значење во современото општество и нивниот потенцијал во насока на развој на социјално претприемништво.

На конференцијата учествуваа претставник на златарницата „Џељо“, Пане Темов, сопственик на неколку локали меѓу кои и познатата пивница „Стар град“, претставник на „Пела Антик“, занаетчиски дуќан кој изработува сувенири за туристите и модниот креатор со интернационално искуство, Изет Цури.

Конференцијата беше дел од проектот за валоризација на традиционалните занаети и социјално-економските потенцијали на општините Чаир и Гњилане. Во рамки на овој проект Општина Чаир подели 20 грантови по 2.000 евра поединечно, неповратни средства за реновирање на фасадите и излозите.