Македонија
22. October 2015 - 17:41

Заменикот министерот Пренџов во посета на Радовиш и Конче

 

радоначалниците на Радовиш Сашко Николов и на Конче Благој Јованов на денешните состаноци со заменикот министер за локална самоуправа, Љупчо Пренџов изразија подготвеност да аплицираат за проекти на актуелниот јавен повик за прекугранична соработка меѓу Република Македонија Македонија и Бугарија.

Радовиш и Конче немаат големо искуство во имплементацијата на проекти за прекугранична соработка, но се подготвени да аплицираат на актуелниот повик, изјавија двајцата градоначалници.

Како што соопшти Министерството за локална самоуправа градоначалникот на Радовиш и заменик министерот Пренџов разговарале за аплицирање на повеќе проекти меѓу кои за целосна реконструкција на кровната конструкција на Детска градинка „Ацо Караманов“, за градскиот плоштад, за градскиот парк и за други проекти.

- Општината се уште е во фаза на размислување и определување на приоритетните проекти за прекугранична програма, а реализацијата на истите ќе зависи и од бугарскиот партнер. Ние како општина сме подготвени со повеќе проекти, односно техничка документација и останува во најбрз можен рок да решиме кои ќе бидат нашите приоритети, рече Николов.

 

Градоначалникот на Конче, Јованов го информираше заменикот министер за тековните инфраструктурни проекти во општината.

- Општина Конче успешно го реализираше проектот „Културата отвора врати за оддржлив развој“, финансиран од ИПА Програмата за прекугранична соработка, а сега на актуелниот повик ќе аплицира со два проекти кои се подготвени, вели Јованов.

Заменикот министер Пренџов истакна дека Министерството за локална самоуправа е задоволно од имплементацијата на ИПА Програмата за прекугранична соработка во програмскиот период 2017-2013, со реализација на околу 80 насто од средствата на Европската унија.

- Реализацијата на Програмата за прекугранична соработка со Бугарија е најуспешна, со над 90 насто. Очекувам максимална искористеност на средствата од новата ИПА Програма 2014-2020, со оглед на искуството и научените лекции од страна на потенцијалните носители на проекти а и на Министерството, како одговорна институција, рече Пренџов.  

Тој информираше дека до 2020 година Министерството за локална самоуправа ќе менаџира со околу сто милиони евра, средства од Европската унија и национално кофинансирање, наменети за проекти за прекугранична соработка со Бугарија, Албанија, Грција и со Косово, а во фаза на подготовка е и Програмата за прекугранична соработка со Србија.

Заменикот министер Пренџов нагласи дека политика на Министерството за локална самоуправа е континуирано да се зголемуваат и средствата за финансирање на проекти за регионален развој, како резултат на што буџетските средства за оваа намена за идната година се планира да бидат дуплирани.