Македонија
3. October 2023 - 16:44

Законот за амнестија стигна во Собрание, власта уверува дека не е правен за личности

Без европско знаменце, но по скратена постапка, Законот за амнестија пристигна во Собранието, а оттаму информираат дека веќе е доставен до сите пратеници.

Скатената постапка во пракса ќе значи дека законот директно ќе оди на второ читање пред матичната собраниска Комисија, но амандманската расправа нема да биде временски ограничена.

Токму во оваа фаза се очекува законското решение да заглави со оглед дека покрај опозицијата, амандмани најави и владејачката СДСМ.

Премиерот Ковачевски потврдува дека законот ќе се допрецизира за од затвор да не излезат лица осудени за Монструм.

- Во законот многу јасно е прецизирано кои дела не можат да бидат амнестирани. Со оглед на чувствителноста на одредени случаи кои се случиле во минатото во државата, пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман. Диверзитетот на различни мислења по овој закон покажува дека можат да се земат различни аспекти за неговото функционирање и низ демократска процедура да се дојде до решение кое ќе биде прифатливо за сите политички партии и за јавноста. Може да се дојде и до решение кое нема да биде прифатливо, бидејќи има најава од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го поддржат, прецизира Ковачевски.

Првиот човек на Судскиот Совет вели дека очекува и тие да бидат вклучени во постапката за носење на законското решние, но и да добијат одговори од кои причини се носи законот.

- Очекувам да бидеме вклучени во некој дел од целата таа процедура со свое мислење како Судски Совет, како судска фела. Колку што знам јас дека е во процедура, како ќе помине тоа останува на законодавниот дом, рече Георгиев.

Поддршка за Законот за амнестија најавија од ДУИ оценувајќи го како хуман гест, додека за албанската опозиција законот е политичка пропаганда за профитирање пред избори. 

Првичните проценки се дека со овој закон од затвор веднаш ќе излезат близу 300 лица осудени до 6 месеци, додека со одредбата за намалување на казните за 30% за сите останати затвореници ќе бидат опфатени околу 1000 лица.

Во моментов во затворите низ државата казна издржуваат 2 114 осуденици, додека дури 2 813 чекаат да влезат во затвор.