Свет
15. February 2016 - 8:57

Загадувањето на воздухот убива по 5,5 милиони луѓе годишно

Најновите истражувачки студии, кои ги објави меѓународен тим на научници, покажуваат дека 5,5 милиони луѓе годишно умираат поради загадувањето на воздухот. 

Поголемиот број на такви смртни случаи се од земјите каде економијата се развива брзо, како што се Кина и  Индија. 

Главниот виновник за тоа е емисија на штетни честички од електраните и фабриките, издувните гасови од возилата и од палењето на јаглен и дрва. 

- Во Пекинг или Њу Делхи во еден ден на големо загадување, може бројот на ситните честички, познати како ПМ2,5, може да биде поголем и од 300 микрограми на кубен метар. Дозволена загаденост е околу 25 или 30 микрограми на кубен метар, објасни еден од научниците од истражувачкиот тим, Ден Гринбаум, од институтот „Health Effects“ од Бостон. 

Вдишувањето на честичките може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања, мозочни удари, респираторни проблеми, па дури и карцином. 

Додека развиените земји направија големи чекори за решавањето на овој проблем во изминатите неколку децении, бројот на граѓани кои умираат од загадувањето на воздухот во земјите во развој е се поголем. 

Според направената студија, загадувањето на воздухот предизвикува повеќе смртни случаи од другите ризични фактори како што се неухранетост, дебелина, алкохол, дрога или сексуални односи без заштита. 

Затоа, загадувањето на воздухот се става на четврто место на најголеми ризици, веднаш зад висок крвен притисок, диететски ризик и пушење.