Македонија
25. July 2019 - 15:09

Заев задоволен од досегашните резултати на проектот „Мој ДДВ“

Премиерот Зоран Заев е задоволен од досегашните резултати што ги покажува проектот „Мој ДДВ“ што стартуваше од 1 јули.

Тој денеска од собраниската говорница информираше дека само во првите 23 дена од почетокот на проектот вкупно 135 илјади граѓани ја симнале апликацијата, скенирани се пет милиони 405 илјади 182 сметки, а вредноста на скенираните сметки е две милијарди 768 милиони 341 илјада и 908 денари. Пресметките покажуваат досега кај граѓаните треба да се вратат 44 милиони 827 илјади денари.

Апелираше до сите правни субјекти да издаваат фискални сметки, а граѓаните да продолжат да бараат фискални сметки бидејќи можат да вратат пари во висина до 28.800 денари.

На 1 август, како што најави, ќе имаат презентација на резултатите од проектот.

Во првите шест месеци од годината и првите 23 дена од месецов, како што информираше, наплатата на ДДВ е зголемена за 6,6 проценти, а персоналниот данок е зголемен за 15,6 проценти. Намалување има кај данокот на добивка, бидејќи се решава управно прашање со „Џонсон Мети“ и поради стечајот на „Тето“. Зголемени се и придонесите за пензиско и инвалидско осигурување за 9,8 проценти, а придонесите за здравствено осигурување за 8,9 проценти. Вкупните приходи заклучно со 24 јули се зголемени за 8,6 проценти во однос на лани.

– Тоа покажува дека економијата заживува и оди напред. Верувам дека ќе ги максимилизираме ваквите резултати и жално е да се бара да се прекине овој процес за некој да оди на избори, рече Заев, додавајќи дека резултатите ќе бидат уште подобри со влегувањето во НАТО и отпочнувањето на преговорите со Европската унија