Македонија
3. November 2017 - 18:19

Заев во Будва: Да направи секој што може за регионалната соработка, со тоа и за перспективите кон ЕУ и НАТО

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев во изјава за медиумите во рамки на работната посета во Будва, за регионалната Економска конференција на Црна Гора 2017, оценил дека како ќе се придвижуваат работите во регионалната соработка и перспективите во интеграциите, зависи од државите во регионот.

- Со конкретни, практични дела да покажеме дека сме подготвени за пристапување кон ЕУ и НАТО, рекол премиерот Заев.

Како што информира владината прес-служба, тој тука ги навел како очекувања растот на БДП, отворање нови работни места, преквалификување работна сила.

На новинарското прашање за посочените истраги за злоупотреби кај двајца функционери од власта и за кои дела, премиерот Заев рекол дека справувањето со корупцијата е важно прашање и за самите држави во регионот и за нивните ЕУ интеграции.

- Новата Влада ги обелоденува работите, се охрабруваат граѓаните да пријавуваат. Нашиот став е секоја индикација за истрага да ја процесуираме. Можам само да кажам дека се работи за период август претходната година, за другото ќе кажат истражните органи, одговорил премиерот Заев.

Во врска со тоа колку е реално очекувањето за отворање на најавената авиолинија Скопје - Подгорица - Сараево, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, рекол дека верува оти брзо ќе биде обезбедена авиолинија.

- Се работи за проценки на база на пазарни механизми, затоа ги повикавме сите заинтересирани компании, ако треба како држави нешто ќе субвенционираме. Да направиме сите што можеме да ги унапредиме соработките меѓу нашите држави, посочил меѓу другото премиерот Заев во изјавата за медиумите.