Македонија
13. October 2021 - 21:47

Заев: ВМРО-ДПМНЕ завршува со лавовите, биковите и шмизлите

„Нашиот политички противник ќе победи во шест општини, ќе добие шест градоначалници, а коалицијата предводена од СДСМ ќе има најмалку 22 градоначалника во првиот круг или 3.5 пати повеќе. Резултатот ќе биде 22:6 во првиот изборен круг. Слушајте ме внимателно, добро сум информиран“, изјави лидерот на СДСМ и премиер – Зоран Заев, на вечерашниот митинг во Автокоманда.

Заев истакна дека времето на ВМРО-ДПМНЕ со, како што рече, „лавовите, биковите и шмизлите“, е завршено. Сега е време на современи, модерни и европски општини, на развиена и европска држава, оцени тој.

„Градиме држава, општини, го слушаме гласот на граѓаните. Не е нормално да поставуваш лавови, бикови и шмизли, а да продаваш конзервативни вредности и наводна чесност зад која се кријат криминални апетити. Денес сите се одлучни, ВМРО-ДПМНЕ завршува со лавовите, биковите и шмизлите. Ова се времиња на ведри луѓе, дрвја и паркови, безбедни булевари и улици, детски насмевки во современи градинки, мотивирани ученици во современи школи, ова се времиња на автентична урбана култура и на европски општини“, рече Заев.

Осврнувајќи се на Гази Баба, Заев рече дека оваа општина е влезот на Скопје, првиот впечаток на патниците и туристите, а Автокоманда е една од најблиските до центарот на главниот град.

„Борче ги почна промените, сработи добро и секој ден носи се подобро за општината и граѓаните. Ги засука ракавите кога требаше во Стајковци, носеше кофи, изнесуваше смет, кал зашто за нас довербата на граѓаните е чест“, истакна лидерот на СДСМ.

Тој ги наброи реализираните проекти, но потсети и што направи актуелната власт во изминатите три години. Повтори дека наследија задолжени општини и дека помогнаа во нивното раздолжување.

„Од каде пари? Нема непродуктивни трошења и криминали, затоа е нормално да остануваат пари во Буџетот со кои градиме училишта, градинки, водоводи, канализации, птишта, булевари,…над 7.000 проекти на локално ниво. Ова ВМРО-ДПМНЕ ни на сон не може да го каже, а не па да го направи, рече Заев и најави низа проекти, меѓу кои нова зграда во ОУ ‘Крсте Петков Мисирков’, нови градинки, рекоснтрукција на Домот на културата во Ченто и Колнонија, решавање на проблемот со Вардариште“, истакна Заев и ги повика граѓаните на 17 октомври масовно да излезат на гласање.