Македонија
5. April 2019 - 14:49

Заев: Верувам дека ќе добиеме конкретен датум за преговори

Верувам дека оваа година нашата земја ќе добие конкретен датум за преговори и немам дилема околу тоа, посебно знаејќи дека остана само уште еден закон што треба да го договориме низ политичкиот дијалог, изјави денеска премиерот Зоран Заев по средбата со Стопанските комори за иницијативата за воведување скратено работно време при користење на родителско отсуство.

На новинарско прашање дали ќе поднесе одговорност ако нема датум во јуни, премиерот одговори дека нема да поднесе одговорност бидејќи земјава ќе добие датум за преговори.

– Апсолутно не, заради тоа што прво ќе имаме датум, прашањата што во моментот се разгледуваат, тесниот простор меѓу изборите за Европскиот парламент, после кои се објавува извештајот на Европската комисија и четири дена неколку парламенти имаат можност да го усвојат тој извештај за да им дадат „пас“ на земјите-членки на Советот на ЕУ да ја донесат одлуката, рече Заев.

Посочи дека Законот за јавно обвинителство е изготвен транспарентно и оти огромно мнозинство стои зад него.

– Огромно мнозинство стои зад законот. Треба за жал двотретинско мнозинство да се обезбеди, ако го обезбедиме ние немаме друг услов што е од делот на критериумите што ни се дадени за добивање датум. Значи сите други услови што ни беа дадени при проектираниот датум за почеток на преговори се исполнети, остана уште политичкиот дел, на договарањето за усвојување на законот за Јавно обвинителство, појасни Заев.

Додаде дека уште неколку закони треба да се усвојат во Парламентот, а тоа е Законот за советот за јавни обвинители, и законите за безбедносните служби, за кои што е постигнат политички дијалог меѓу сите политички чинители.

– Кога се исполнети сите реформи, кога блескаме во светот, кога држиме лекција на Европа  со европски манири и со европски вредности, и со европски начин на однесување, апсолутно не ни размислувам за оставка, одговори Заев.

На прашањето кога ќе продолжат разговорите за СЈО и дали има рок до кога ќе се чека поддршка од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Заев вели дека разговорите течат и има мал напредок.

– Ќе оставам за тоа да коментираат министерката за правда и претставниците на ВМРО-ДПМНЕ кои во моментот разговараат. Помалите опозициски партии како што е Алијансата за Албанците и Беса ги дадоа своите инструкции и дадоа простор да се постигне договор прво со најголемата опозициска партија. Осумте пратеници кои се во новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата исто така дадоа свои правци и инструкции но дадоа простор прво со најголемата опозициска партија. Верувам дека во многу брзо време тоа ќе вроди со плод, и верувам ќе се изнајдат начини тоа да се донесе навремено, за да биде составен дел на извештајот, што се објавува по завршување на изборите за ЕП, но се пишува во почетокот на мај, рече Заев.

Оцени дека времето е многу кусо, но се надева оти ќе се се успее да се постигне конзенсуз по ова прашање за да, како што рече, можеме да донесеме одлука во нашиот Парламент, изразувајќи верување дека договор за законот за јавно обвинителство ќе се постигне пред претседателските избори.